„Помеѓу мене и тебе“ – работилница за емоции, блискост и тоа необјаснивото „помеѓу“
- Детали
- среда, 30 април 2025
Скопје, мај 2025 - Во брзиот ритам на младешкото секојдневие, постои едно тивко, но моќно место – просторот „помеѓу мене и тебе“. Место каде што се среќаваат мисли, чувства, недоизговорени зборови и неочекувани блискости.
Токму таму е фокусот на работилницата што Здружението за едукација и мобилност „ЛОЕСЈЕ“ - Битола, на 5 мај 2025 година во 17 часот, во соработка со предавачките – психолозите м-р Елена Џебр и Бојана Петровска – „Мој психолог“, ќе ја одржи во „Нетавил“.
Оваа работилница е наменета за сите млади кои сакаат да истражуваат што се случува „помеѓу зборовите, помеѓу погледите, помеѓу тебе и мене“.
„Во првиот дел ќе се посветиме на емоциите и целата нивна комплексност и значење во секојдневието и релациите. Потоа ќе продолжиме за личните граници, каде искуствено ќе му дадеме значение на она што го носи и доживува нашето тело. Ќе завршиме со романтичните врски и ќе научиме многу важни работи кои се случуваат „помеѓу“. Ќе се дружиме, ќе се смееме, ќе си поставиме прашања и можеби ќе си заминеш со повеќе одговори за себе“, наведоа од Здружението „ ЛОЕСЈЕ“ – Битола.
Ако чувствуваш дека има нешто што не можеш да го објасниш, ама знаеш дека го чувствуваш – тогаш оваа работилница е токму за тебе.
Пријавувањето е отворено до 4-ти мај 2025 на следниот линк. Бројот на учесници е ограничен.
Работилницата е дел од стратешко партнерство со организации од Германија, Словенија и Северна Македонија, а се реализира со поддршка од Еразмус+ програмата на германската национална агенција „Jugend für Europa“.
„ЛОЕСЈЕ“ Битола со години ги отвара ваквите теми низ методите на креативно пишување и искуствено учење, како дел од меѓународната мрежа „LOESJE“, присутна во над 30 земји.