Второто издание на „VIVAX Чистка на Водно“ заврши со двојно повеќе волонтери и успешно собран отпад
- Детали
- понеделник, 05 мај 2025
Во саботата Водно повторно блесна по големата еко-акција „VIVAX Чистка на Водно“. Со почеток во 9 часот наутро кај Полициска станица Водно, стотици љубители на планината, рекреативци и активисти одговорија на повикот на VIVAX и компанијата Паком Компани за уште еднаш да покажат дека грижата за природата е заедничка одговорност.
Повеќе од 400 волонтери учествуваа во оваа иницијатива, придружени од тимовите на VIVAX и Паком, како и планинари од клубот H2O кои ги водеа групите по најпопуларните патеки: Цветкова, Олимписка, Пензионерска и Новогодишна.
Од теренот беа собрани над 250 вреќи отпад, меѓу кои пластика, стакло, ткаенини и други неконтролирано фрлени предмети што ги загрозуваат природните екосистеми. Вреќите со отпад беа оставени на однапред договорени локации, од каде беа преземени од ЈП Комунална хигиена.
По завршувањето на чистката, учесниците се собраа пред планинарскиот дом Даре Џамбаз, каде уживаа во диџеј сет и кратка едукативна презентација за одржливо однесување во природа. За сите присутни организаторите обезбедија бесплатни свежо цедени сокови кои се подготвуваа со VIVAX соковници.
„Во споредба со минатата година, кога со помош на повеќе од 200 волонтери собравме над 200 вреќи отпад, имаме одличен прогрес во поглед на еколошката свест на нашите сограѓани. И покрај празникот и викендот во кој многу луѓе беа надвор од Скопје, имавме двојно поголем одзив за учество, а отпадот беше собран во 250 вреќи.
Упатуваме голема благодарност до сите кои учествуваа и нѐ поддржаа во оваа акција, како и до сите совесни граѓани кои секојдневно внимаваат каков отисок оставаат зад себе додека уживаат во времето поминато на планина.
Се надеваме дека ќе дојде време кога тука ќе се собираме само за забава бидејќи ќе нема што да се чисти, а до тогаш ќе продолжиме да ја организираме оваа акција којашто нѐ спојува на вакво убаво и корисно дружење“ – истакна во оваа прилика бренд менаџерот на VIVAX, Саим Јускоски.
Оваа година организаторите обезбедија дополнителен поттик за учество - првите 150 учесници кои пристигнаа на почетната точка добија ранци со маички, термоси и ветровки, а на врвот сите учесници имаа можност да освојат и подароци – VIVAX смарт часовници и блутут звучници.
„Посветени сме на создавање навики што водат кон поздрава и почиста животна средина. За нас, ова не е само еднодневна активност, туку долгорочна мисија. Искуството и енергијата што ја донесе ова второ издание на VIVAX чистка на Водно ни потврдуваат дека сѐ повеќе луѓе сакаат да бидат дел од позитивна промена“ – додаде Сандра Спирова, бренд маркетинг специјалист за VIVAX.
Од компанијата нагласуваат дека оваа акција е само дел од нивната поширока стратегија за општествена одговорност и заштита на природните ресурси. Тие веќе неколку години континуирано поддржуваат активности на Водно преку иницијативи како што е „И јас сум на Водно“, а најавуваат слични настани и активности во периодот кој следи.
„VIVAX чистка на Водно“ уште еднаш ја потврди моќта на заедништвото и доброволниот ангажман и покажа дека секој од нас може да направи разлика, доколку одвои барем еден ден за природата.
Сите активности и новости за брендот VIVAX се достапни на официјалната веб страница и на социјалните мрежи Facebook и Instagram.