„Ден на еколошка размена“ во организација на Елколект - донесете мал е-уред и направете голема промена

Колективниот постапувач со електричен и електронски отпад - Елколект, на 17 мај организира семеен еко-настан посветен на едукација и поттикнување одржливи навики преку забавни активности. Настанот „Ден на еколошка размена“ ќе се одржи од 11 до 15 часот во кафе Мамбо во паркот Авионче, Ново Лисиче.

den-na-ekoloshka-razmena-vo-organizacija-na-elkolekt-donesete-mal-e-ured-i-napravete-golema-promena-01.jpg

Главната цел на настанот е подигнување на свеста на граѓаните за одговорно управување со е-отпадот преку негова примарна селекција. Секој што ќе донесе стар мобилен телефон, кабел, лаптоп или друг мал уред, ќе добие на подарок мини садник, како симболичен гест на благодарност за придонесот кон почиста животна средина. Дополнителна мотивација да го донесете вашиот е-отпад на овој настан се електронските кујнски уреди кои Елколект ќе ги подари на случајно одбрани учесници. Во рамки на настанот, компанијата ќе донира 10 нови дрвја кои ќе ги засади во паркот со што ќе испрати порака за потребата од колективна одговорност и грижа за природата.

Настанот, кој се организира со поддршка од Општина Аеродром, е отворен за сите – семејства, поединци, активисти, љубители на природата и поддржувачи на зелени иницијативи, со посебен акцент на активностите за најмладите.

Во соработка со здружението за еколошка едукација Зелената Арка, децата ќе имаат можност да учествуваат во креативна работилница за изработка на семенски бомби – топчиња од глина, компост и семиња што ја прочистуваат почвата од тешки метали (процес познат како фиторемедијација). Преку игра, децата ќе научат како електронскиот отпад влијае врз животната средина и како природата може да се обнови со помош на растенија.

Дополнително, организаторот ќе обезбеди боенки за децата со креативен уметнички дух кои ќе имаат за цел запознавање со овој тек на отпад.

За забава на возрасните ќе биде задолжен диџеј Базел, а тука ќе биде и Марко Новески кој ќе ја води целата програма на овој едукативно-забавен настан.

„Со Денот на еколошка размена сакаме да потсетиме дека промената започнува од поединецот. Отстранувањето на непотребниот е-отпад од домовите и неговото правилно селектирање се чекорите што треба да ги направиме кон одржлива иднина. Со секое засадено дрво и со секое парче електричен отпад отстрането од природата, се доближуваме до поздрава животна средина“, велат од Елколект.

Повеќе од 10 години Елколект е еден од главните двигатели во земјава кога станува збор за системско решавање на проблемот со електронски и електричен отпад. Организацијата спроведува теренски активности, образовни програми и јавни кампањи во соработка со институции, компании и граѓани, сѐ со цел да се изгради култура на еколошка одговорност кај сите возрасни групи.

Своите бесплатни услуги за преземање и транспорт на ваков тек на отпад се достапни и за компании и за физички лица, а компанијата обезбедува и бесплатна инфраструктура - корпи, контејнери, еко магацини и собирни центри низ општините. Сите информации за собирните центри се достапни на веб страницата на Елколект.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg