„Рокенролот е физичка навлака. Тешко се соблекува“ – Горан Бреговиќ за вечната музика, Сараево, и плескавицата во Скопје
- Детали
- вторник, 03 јуни 2025
Педесет години од првите акорди што го променија звукот на еден простор, а „Бијело дугме“ и натаму звучи со истата енергија. По повод нивниот славенички концерт што се одржа во саботата во Скопје, разговаравме со Горан Бреговиќ – човекот кој го напиша саундтракот на нашата младост, револуција, љубов.
Светлата се изгаснаа, рефрените се стопија со гласовите на публиката, а емоцијата остана да лебди во воздухот. За некои, концертот заврши. Но за други – остана вистинското искуство. Да го доживееш концертот од првите редови, да бидеш најблиску до музиката, до сржта на звукот и пулсот на „Бјело Дугме“ – е веќе привилегија. Но да го слушаш Бреговиќ лице в лице како зборува за рокенролот, за Сараево, за вечната уметност... тоа е момент што се памети засекогаш. Такви моменти не се купуваат, тие се доживуваат. И Diners Club беше тука, тивко и ненаметливо, како поддржувач на таа магија – овозможувајќи да се биде дел од она што не се повторува.
Да се биде таму каде што музиката станува лична. „Рокенролот е физичка навлака. Тешко е да се соблече,“ ни вели Бреговиќ, со глас што зборува и за мудрост, и за инат, и за љубов кон сцената.
„Јас не знам некој да отишол во пензија. Тука, од сцена, се оди право на гробишта.“
И токму затоа, кога зборува за уметноста, зборува со жар што не гасне:
„Денес, уметноста има повеќе шанси од кога било. Одиме кон свет каде сите ќе бидеме уметници. И не гледам поубав идеал од тој.“
Сепак, и покрај 50 години кариера и безброј песни што станаа химни на генерации, на прашањето дали некоја песна е навистина вечна, Бреговиќ одговара скромно:
„Јас успеав да напишам песни кои траат веќе 50 години, а вечна... па не знам дали некоја песна може да биде вечна.“
Турнеи, настапи, концерти...И покрај многуте градови што ги има прошетано – од Рио до Рејкјавик – кога ги затвора очите, вели дека секогаш му се појавува Сараево.
„Јас сум сарајлија. Има нешто необјасниво во градот каде си роден. Тоа е мојот град. Ниту е најубав, ниту најголем – ама е мој.“
Го прашавме и дали некогаш се покајал што, како во сопствената песна, рекол: „Pristao sam, biću sve što hoće“:
„Имав среќа да го работам за пари она што би го работел бесплатно. Но, имаше еден период во Париз, за време на војната од 91ва до 95та, кога работев реклами за брендови како Пако Рабан и Евиан. Тоа се убави нешта – ама не и нешто што јас би сакал да го работам.“
А како што и самиот вели – спомените се насекаде, па дури и во наједноставните нешта.
„По што ја паметам Македонија? По милион нешта... ама денес – по плескавицата што ја изедов. Едноставно јадење, ништо посебно – ама никаде не е како во Скопје.“
И на крај, кога го прашавме што му недостасува од старите времиња, одговори тивко:
„Рокенролот ме спаси – да не го предавам тоа што го студирав. Да не беше музиката, денес ќе предавав филозофија во некоја гимназија. А тоа ми изгледа баш како тажна професија.“