Надица Митева – Технолог со визија и креативност што ја носи високата мода во срцето на Свети Николе
- Детали
- среда, 04 јуни 2025
Во времето кога многу млади таленти ја бараат својата иднина надвор од границите на државата, Надица Митева одлучи да го вложи својот труд, знаење и страст во нешто што го нарекува сон – создавање модно ателје во своето родно Свети Николе.
Надица е дипломиран технолог-инженер за дизајн и инженеринг на облека, со завршени студии на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје. Уште за време на студиите покажала исклучителна креативност, учествувајќи на неколку модни ревии под менторство на етаблираната македонска дизајнерка и универзитетски професор Лидија Георгиева.
Во ноември 2023 година, Надица го прави првиот храбар чекор, го отвора своето модно ателје во Свети Николе. Со тоа, не само што го започнува сопствениот бизнис, туку и го иницира враќањето на елеганцијата, стилот и високата мода во едно мало, но инспиративно гратче.
Модата како уметност и порака
Надица не креира облека, таа раскажува приказни преку секоја своја креација. Комбинира различни стилови, текстури и бои со прецизност и емоција, имајќи една мисија: да ја истакне убавината која секоја жена ја носи во себе. Нејзиниот пристап е индивидуален, префинет и секогаш инспириран од реалниот живот.
Но, нејзината инспирација не застанува тука. “Малите дами”, девојчињата, се чест мотив во нејзините колекции. Особено внимание привлече нејзината ревија, која се одржна 01.06.2025г во Свети Николе, на тема „Petite Wedding Dresses“, каде што доминираа бели фустани украсени со пеперутки, цветови и бисери. На ревијата учествуваа 6 прекрасни и талентирани девојчиња, мали, но професионални модели, кои го носеа духот на колекцијата со грациозност и детска искреност. Публиката имаше можност да види 18 модели од оваа уникатна колекција, секој од нив рачно изработен, со љубов и внимание кон секој детаљ.
Секоја креација симболизираше нешто повеќе од облека, чистота, љубов и убавина на животот. Белата боја, пеперутките и децата беа јасна порака: постои нешто беспрекорно во сè што е природно, искрено и создадено со срце.
Поглед кон иднината
Надица Митева е пример за тоа како знаењето, талентот и љубовта кон професијата можат да изградат сопствен свет на стил и визија. Со нејзиното ателје, таа не само што облекува, туку и инспирира, охрабрувајќи ги жените да го прегрнат својот уникатен стил и да блеснат.
Модниот пат на Надица е само на почетокот, но нејзиниот правец е јасен: да создава мода која говори, мода која облагородува и мода која остава трага.