НЛБ Групација инвестира во современата уметност – се отвори галерија „МУЗА“ во Љубљана

Докажани македонски уметници - дел од изложените дела на современи уметници од југоисточна Европа   

nlb-grupacija-investira-vo-sovremenata-umetnost-se-otvori-galerija-muza-vo-ljubljana-01.JPGБлаж Бродњак, претседател на Управата на НЛБ д.д дава изјава за медиуми за време на отворањето на Галеријата МУЗА

Под покровителство и на иницијатива на НЛБ д.д., во Љубљана беше отворена Галеријата „МУЗА“, нова платформа за современа уметност од регионот, како важен чекор во развојот на културниот и уметничкиот пејзаж. Галеријата се наоѓа во еден од најубавите сецесионистички простори на градот и претставува нов дом за современата уметност од Југоисточна Европа.

На отворањето, беше поставена изложбата „Ехо: НЛБ Колекција на современа уметност во дијалог“, која обединува дела од постоечката колекција на НЛБ д.д., како најголема приватна колекција во Словенија.

Помеѓу делата на вкупно 19 најистакнати уметници во регионов, НЛБ, откупи дела и на тројца македонски автори: Христина Иваноска, Јане Чаловски и Нада Прља и така ја обнови и прошири постоечката колекција со фокус на современа уметност.

Проектот ги прикажува најновите текови во визуелната уметност и е потврда дека инвестирањето на корпорациите во уметноста има клучна улога во развојот и популаризацијата на современата уметничка сцена.

Изложбата ја курираат д-р Мира Гаќина од Р.С. Македонија и словенците д-р Мета Кордиш, Тевж Логар.

nlb-grupacija-investira-vo-sovremenata-umetnost-se-otvori-galerija-muza-vo-ljubljana-02.JPGГалерија МУЗА во Љубљана

Прва корпоративна колекција на современа уметност во регионот

Докажаната кураторка д-р Мира Гаќина и коавторка на концептот на изложбата, за „Ехо“ вели дека е значаен чекор во афирмацијата на современата уметност од Југоисточна Европа.

„Години наназад, уметниците од регионот добиваат признание, дури кога ќе се афирмираат надвор од локалниот контекст. Проектот на НЛБ внесува важен „коректив“ и им овозможува на уметниците да останат поврзани со својата средина, додека публиката, конечно добива можност директно да го следи нивниот креативен развој“, објасни Гаќина.

Според Гаќина, насловот „Ехо“ е избран за да го отслика влијанието што плодниот период на уметноста од минатото го има врз современите автори. Изложбата ги става во дијалог новооткупените дела со оние од постарата колекција на НЛБ, создавајќи смисловен контекст за минатото и сегашноста во регионалната уметност.

„Галеријата МУЗА се издвојува и по својата отворена аквизициска политика, насочена и кон регионот и кон авторите од помладата и средната генерација. Овој пристап претставува храбар и значаен чекор во регионалниот културен контекст“, дополни македонската кураторка.

Критериумите за избор на дела биле прецизни и стручни: значајност на авторите во современата критика и нивното потекло од регионот. Дел од делата биле нарачани, други избрани преку конкурс, а најголем дел, откупени врз основа на препорака од независно стручно тело.

„Корпорацијата воопшто не се вмеша во процесот на избор, што гарантира веродостојност и кредибилност на колекцијата. Иницијативата е пример за тоа како компаниите можат активно да придонесат за културниот развој. НЛБ стана пример за прва корпоративна колекција на современа уметност во регионот. Не само што инвестира во уметноста, туку и поддржува критичко мислење и културен раст“, подвлекува Гаќина.

Во иднина, Галеријата МУЗА ќе продолжи со откуп и презентација на дела и во Љубљана и во другите центри на НЛБ Групацијата, помеѓу кои и во Скопје.

„Откупот на уметнички дела ќе продолжи со утврдена годишна динамика, што ќе овозможи континуирана поддршка на уметниците и развој на колекцијата“, најавува Гаќина.

nlb-grupacija-investira-vo-sovremenata-umetnost-se-otvori-galerija-muza-vo-ljubljana-03.JPGуметничкиот пар Јане Чаловски и Христина Иваноска

Уметниците: видливост, одговорност и дијалог

За Нада Прља, учеството во изложбата „Ехо“ е дел од поширока мрежа, која ја редефинира и промовира современата уметничка сцена на Југоисточна Европа, која отсекогаш била извор на естетска и концептуална енергија, создадена како отпор кон стереотипите.

Нејзината уметничка пракса истражува теми како просторот, времето и односот помеѓу човековото секојдневие и политичките настани, се одразува и во делото изложено во галеријата МУЗА. Поканата од кураторскиот тим го доживува како гест на доверба и повик за одговорно и автентично јавно претставување, нагласувајќи дека ваквите практики овозможуваат продуктивни платформи за регионални артикулации на современото.

На изложбата, Прља учествува со серија од 20 цртежи, дел од нејзин поголем проект сочинет од 73 дела, насловен „Во очекување на подобри времиња“. Работени со мастило, овие цртежи, како што вели авторката:

„Комбинираат интимност и итност, нудејќи, не само визуелна документација на одредени настани, туку и критичко преиспитување на официјалните наративи. Современата уметност ја има токму таа задача: да преиспитува и да отвора нови прашања, наместо да нуди конкретни одговори“.

Делото е наизглед тивко, фрагментирано и лично, сепак, длабоко ангажирано и вградeно во пошироките општествени контексти. Таа верува дека токму преку формално и концептуално јаки гестови, уметноста останува релевантна, како алатка за нов увид во преживеаното.

Посебна тежина, според Прља, има поддршката од институции како НЛБ, особено во услови кога уметничките сцени во Југоисточна Европа се соочуваат со хроничен недостаток на ресурси.

„Кога големите корпорации решаваат да вложат во современата уметност, тие вложуваат во културен капитал, во одржување на критичко мислење и во еден поширок општествен екосистем што не може да постои без грижа. НЛБ МУЗА претставува модел за институционална поддршка кој оди подалеку од изложување – проект што не само што создава платформа за видливост на уметниците, туку и ја артикулира нивната улога во општеството како суштинска, а не периферна“, истакнува уметницата. 

nlb-grupacija-investira-vo-sovremenata-umetnost-se-otvori-galerija-muza-vo-ljubljana04.JPGуметничките дела на Нада Прља изложени во Галеријата МУЗА

Уметноста како простор за размислување

Јане Чаловски и Христина Иваноска учеството во изложбата „Ехо“ го доживуваат како значајна можност за вклучување во поширок дијалог со публиката и уметниците во Југоисточна Европа. За нив, изложбата не е само платформа за презентација, туку и простор, каде нивните уметнички истражувања и концепти влегуваат во релација со дела од целиот регион.

„Да се биде дел од ваква платформа значи да се позиционираме во поширокиот културен дискурс. Изложбата е простор за вкрстување на локалните наративи со глобалните контексти, отворајќи нови перспективи за разбирање на историјата, културната меморија и иднината на уметноста“, вели уметничкиот тандем.

Нивното дело „Музејот на модерна уметност на Оскар Хансен (2007)“ ја тематизира релацијата помеѓу уметноста, историјата и архитектурата. Првиот постер од серијата, посветен на Ад Рајнхардт, со својата темна монохроматска естетика, симболично ја евоцира 1963 – годината кога земјотресот го разурна Скопје. Постерот го носи и неговиот познат цитат дека музејот е „ризница, но и гробница – простор за размислување и тивка восхитеност“.

Во спротивност со оваа визија, следните постери од серијата го прикажуваат концептот на скопскиот Музеј на современата уметност како флуиден, жив систем – музеј, кој не е статичен објект, туку отворен процес. Делото претставува дел од нивното подолго истражување за улогата на уметничките институции и за тоа како тие го обликуваат јавниот културен наратив.

Чаловски и Иваноска ја препознаваат и вредноста на ваквите иницијативи од корпоративниот сектор.

„Кога компании како НЛБ вложуваат во уметноста, тие не поддржуваат само продукција, туку и одржливост на цел еден културен екосистем. Поддршката од НЛБ не е само во финансиите – таа отвора простор за критички дијалог и поддршка на општествено значајни уметнички процеси“ велат уметниците. 

nlb-grupacija-investira-vo-sovremenata-umetnost-se-otvori-galerija-muza-vo-ljubljana-05.JPGуметничките постери на Јане Чаловски и Христина Иваноска изложени во Галеријата МУЗА

Банка што инвестира во култура – модел за регионот

Она што ја прави оваа иницијатива особено значајна е ретката и визионерска активност – банка што инвестира во современа уметност, и тоа не само како покровител, туку и како активен учесник во креирањето на културна инфраструктура.

Во регионот каде што јавните буџети за уметност се ограничени, а независната сцена често се бори за опстанок, одлуката на НЛБ да откупува, изложува и промовира дела од современи автори претставува клучен чекор напред. Оваа пракса обезбедува финансиска поддршка за уметниците и создава континуирана видливост, влијаејќи врз развојот на културниот екосистем.

Преку Галеријата МУЗА, уметноста добива институционално признание, а корпорацијата станува модел за тоа како приватниот сектор може да придонесе за јавниот интерес – не декларативно, туку суштински.

nlb-grupacija-investira-vo-sovremenata-umetnost-se-otvori-galerija-muza-vo-ljubljana-010_copy.jpgод лево кон десно - Блаж Бродњак претседател на Управа на НЛБ д.д, Матко Миоќ директор на Галерија МУЗА, куратори на изложбата д-р Мета Кордиш, Тевж Логар, д-р Мира Гаќина, Брлан Лука, NLB PR

Галеријата МУЗА не е обичен галериски простор. Таа е сведоштво за една нова форма на соработка меѓу културата и приватниот сектор, каде уметниците добиваат поддршка и препознавање во институционален контекст, што досега често им недостасувало.

Македонските уметници во овој проект не се само „присутни“ – тие се активни учесници во новиот регионален дијалог за тоа што значи уметноста денес. А ехо-то на нивните дела, изговорено од Љубљана е повик што треба да го слушнеме и дома.

Најчитани неделава