Добра музика, превентивни здравствени прегледи и совети за намалување на штетните навики кај младите на годинешниот Д фест во Дојран

Музичките фестивали се извонредна прилика на едно место да се собрат луѓе кои сакаат да уживаат во музика, дружење и релаксирана атмосфера. Годинешното издание на фестивалот Д фест во Дојран, што се одржа кон крајот на јули, беше токму таков настан – со многу добра музика, насмеани посетители подготвени за забава и многу млади лица отворени за нови пријателства и искуства.

dobra-muzika-preventivni-zdravstveni-pregledi-i-soveti-za-namaluvanje-na-shtetnite-naviki-kaj-mladite-na-godineshniot-d--01.JPG

Покрај многубројните придружни активности на фестивалот, како што беа видео програма, изложби, спортски активности, еден штанд го привлекуваше вниманието на сите посетители – популарната Кампуланта. Тука беа стационирани млади лекари, дел од Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС), кои на посетителите на Д фест им нудеа бесплатни превентивни прегледи, како што се мерење на шеќер во крвта, крвен притисок, ЕКГ, но им делеа и кратки медицински консултации со совети за здраво и безбедно уживање во фестивалот, со цел посетителите на фестивалот да се осигураат дека се во добра форма и целосно подготвени за неколкудневна забава.   

Одзивот на младите за посета на Кампулантата позитивно ги изненади лекарите, кои на почетокот не очекувале дека лицата кои дошле да се забавуваат на музички фестивал ќе се заинтересираат за превентивни медицински прегледи. 

- Иако младите обично не покажуваат голем интерес за медицински прегледи, бидејќи вообичаено се здрави, ние убедивме дури 90 отсто од нив да се прегледаат преку нашиот „фестивалски пристап“ и ангажман. Превентивната грижа за здравјето кај младите сѐ уште е редок феномен и токму затоа ја инициравме оваа активност. Во текот на прегледите забележавме неколку случаи на недијагностициран дијабетес или аритмија, што подоцна беше потврдено од специјалист – раскажува д-р Миралем Јукиќ од Здружението на лекари специјализанти.

dobra-muzika-preventivni-zdravstveni-pregledi-i-soveti-za-namaluvanje-na-shtetnite-naviki-kaj-mladite-na-godineshniot-d-fe.JPG

Изминатиов период, ЗЛС интензивно работи на подигнување на свесноста за значењето на примарната превенција на незаразните заболувања, кои се водечка причина за сериозни болести и смртност во Македонија. Тука пред сѐ влегуваат кардиоваскуларните болести, карциномот, хроничните респираторни заболувања и дијабетесот. Токму од овие причини, ЗЛС подолго време го спроведува проектот „Стоп за лоши навики“, во чии рамки неодамна издаде и водич „Како до здрави навики“.  Станува збор за практичен прирачник со совети за здрава исхрана, физичка активност, ментално здравје и избегнување или намалување на штетни навики во кој граѓаните може да најдат корисни упатства за подобрување на своето здравје. Овој водич го добија и посетителите на Д фест.   

- Реакциите досега се исклучително позитивни. Водичот е едноставен за читање и практичен, така што веруваме дека младите, но и целокупната популација, ќе добијат конкретни насоки што може да ги практикуваат во секојдневниот живот. Тој не само што поттикнува самосвест, туку може да ја зајакне и грижата за здравјето на блиските – вели д-р Јукиќ.

Во водичот се опфатени теми како балансирана исхрана, безбедно и ефективно вежбање, управување со стрес, контрола на крвниот притисок и шеќерот, како и совети и стратегии за постепено откажување од пушење или премин кон помалку штетни алтернативи. Во рамки на проектот „Стоп за лоши навики“, ЗЛС организираше дискусии со фокус групи за навиките на македонската популација, растечката пандемија на дебелина со посебен акцент на младата и тинејџерската популација, нискиот интерес за континуирана физичка активност, злоупотребата на алкохолот и пушењето. Собраните искуства сега се дел од водичот за здрави навики. Токму пушењето, особено кај помладата популација, е една од темите која најчесто е во фокус на јавноста. Во однос на начините за справување со зависноста од никотин, лекарите имаат едноставен совет.

- Пронајдете метод што најмногу ви одговара и не се разочарувајте ако не успеете од прв обид. Некои лица успеваат со постепено намалување, други со нагло откажување. Не постои универзален начин, туку е важно да се најде начин што функционира лично за вас – советува д-р Јукиќ.

Главната цел на проектот „Стоп за лоши навики“, според ЗЛС, е да се промени јавното мислење за најчестите здравствени закани и да ги насочи луѓето кон проактивна грижа за нивното здравје.

 

Најчитани неделава