Тиана Ивановска, психолог: „Видео игрите можат да бидат добар извор на забава, но и одличен начин за одмор и ментална релаксација“

Видео игрите се најпопуларниот извор на забава кај помладата популација повеќе од 40 години, но во последната деценија сме сведоци на се’ поголем интерес за гејмингот и кај повозрасните, дел од кои најдоа начин да ги направат видео игрите нивна професија.

tiana-ivanovska-psiholog-video-igrite-mozhat-da-bidat-dobar-izvor-na-zabava-no-i-odlichen-nachin-za-odmor-i-mentalna-relaksacija-01.JPG

Токму таа тема ја отворивме заедно со Тиана Ивановска – психолог и вистински гејмер ентузијаст. Со неа разговаравме за ефектите и придобивките од гејмингот, со цел да го дознаеме нејзиното професионално, но и приватно мислење за видео игрите како хоби, забава или пак професија.

Тиана Ивановска е лиценциран психолог и психотерапевт, како и магистер по менаџмент на човечки ресурси од Скопје, која наоѓа уживање во играњето и стримингот на видео игри.

Тиана, зошто сакаш да играш видео игри?

За мене, видео игрите се повеќе од забава – тие се простор за истражување, учење и изразување. Како психолог и гешталт терапевт, многу од мојот ден е исполнет со емоционално интензивна работа, каде вниманието ми е насочено кон потребите на другите. Играњето ми овозможува да се „исклучам“ од реалниот свет и да се потопам во еден поинаков универзум, каде што имам јасни правила, јасна цел и непосредна повратна информација за моите постапки. Тоа е еден вид интерактивна медитација – го смирува умот, но истовремено и го стимулира.

Од психолошка перспектива, ова е блиску до состојбата на „flow“ што ја опишува Михаљ Чиксентмихаљи – целосно потопување во активност што е предизвикувачка, но достижна. Во таа состојба, забораваш на време, на стрес и на секојдневните грижи. Игрите ми овозможуваат и простор за креативно изразување – било преку стратегиско размислување, тимска координација или истражување на наративите и приказните во нив.

Зошто мислиш дека видео игрите стануваат сè попопуларни ширум светот?

Видео игрите се уникатна комбинација од технологија, уметност, натпреварувачки дух и социјална интеракција. За разлика од пасивната забава, тие го вклучуваат играчот активно – ја ангажираат неговата концентрација, брзината на реакција, креативноста и стратегијата. Социјалниот аспект е клучен – денес, играњето значи и дружење со луѓе од целиот свет, создавање пријателства и припадност на заедница. Во време кога многу луѓе се чувствуваат изолирани, игрите стануваат еден вид „виртуелен плоштад“ каде што секој може да најде свое место.

tiana-ivanovska-psiholog-video-igrite-mozhat-da-bidat-dobar-izvor-na-zabava-no-i-odlichen-nachin-za-odmor-i-mentalna-relaksacija-02.JPG

Дали гејмингот треба да биде приоритет во слободното време?

Во психологијата зборуваме за концептот на „балансирана активност“. Видео игрите можат да бидат одличен начин за одмор и ментална релаксација, но клучно е да се вплетат во една рамнотежа со физичка активност, социјални контакти и одмор без екран. Игрите имаат вредност: тренираат фокус, поттикнуваат креативно решавање на проблеми и можат да ја намалат анксиозноста, особено кога нудат јасна структура и предвидливост во непредвидлив свет. Но, ако се единствениот извор на задоволство, тогаш ризикуваме да ја нарушиме таа рамнотежа.

Мојата препорака – видео игрите можат да бидат приоритетен дел од слободното време, но не и да го заземат целото. Со правилни граници, тие се здрава и квалитетна активност.

Можат ли видео игрите да бидат професија?

Апсолутно, и тоа веќе не е иднина – туку сегашност. Индустријата за видео игри е поголема од филмската и музичката индустрија заедно. Професионалните можности се движат од е-спорт играчи и стримери, па сè до графички дизајнери, сценаристи, психолог за поддршка на тимови, и дури менаџери на турнири.

Дете од Македонија може да сонува за ваква кариера и да ја оствари, особено затоа што гејмингот е глобално поврзан – талентот не познава географски граници. Но, како и секоја професија, бара истрајност, развивање на вештини, инвестирање време и учење, како и прифаќање дека успесите често се резултат на долготрајна работа, а не на брза среќа. Важно е и родителите да ја разберат оваа индустрија и да ги поддржат својата деца во безбедно, балансирано и продуктивно вклучување во неа.

Дали стресот од игрите доаѓа од нив или од карактерот на играчот?

Тоа е интеракција на двете. Од една страна, одредени игри се дизајнирани да бидат интензивни, со високи влогови и брзи реакции, што предизвикува физиолошка возбуда – забрзано срцебиење, напнатост, адреналин. Од друга страна, начинот на кој играчот реагира зависи од неговите лични црти – толеранција на фрустрација, перфекционизам, натпреварувачки дух.

Од психолошка гледна точка, клучот е во саморегулацијата: паузи на секој час, свесно дишење, преминување на поопуштена игра ако фрустрацијата расте. Како и во спортот, контролата на емоциите е вештина што се учи – и тоа е уште една корист од гејмингот кога се пристапува свесно.

Каков ефект имаат видео игрите врз мозокот?

Ефектите можат да бидат импресивни – и позитивни, ако се користат умерено. Истражувањата покажуваат дека игрите ја подобруваат координацијата око-рака, визуелната перцепција, когнитивната флексибилност, па дури и способноста за брзо донесување одлуки. Мултиплеер игрите ја тренираат социјалната комуникација и тимската работа, а стратегиските ја поттикнуваат долгорочната планирачка способност.

Од терапевтска перспектива, некои игри се користат и за рехабилитација на пациенти по мозочен удар, за подобрување на меморија кај постари лица, или за намалување на симптоми на анксиозност. Секако, преголема изложеност носи ризици – нарушен сон, дигитална зависност, намалена физичка активност. Затоа, клучот е свесно користење – кога игрите се интегрирани во здрав животен ритам, тие можат да бидат моќен сојузник за умот.

Најчитани неделава