Универзитетската карате репрезентација на Македонија ги заврши подготовките за Европската универзијада во Полска

Каратистите на „Макпетрол“, кои се дел од Mакедонската универзитетска карате репрезентација, засилени со каратисти од Босна и Херцеговина и од клубот „Цветан Димов“, успешно ги завршија подготовките во Струга за Европската универзијада која ќе се одржи во Полска. Репрезентативците, како и секоја година, подготвени ќе заминат на претстојната Европската летна универзијада на боречки спортови која ќе се случува од 21 до 26 август во главниот град на Полска, Варшава.

univerzitetskata-karate-reprezentacija-na-makedonija-gi-zavrshi-podgotovkite-za-evropskata-univerzijada-vo-polska-01.jpg

Селекторот на Македонската универзитетска карате репрезентација Бошко Заборски, го објави списокот на каратисти/ки, кои ќе ја претставуваат Македонија на оваа летна Европска универзијада на боречки спортови. Репрезентацијата е составена од девет млади спортисти од пет македонски универзитети.

Во Полска, македонските бои ќе ги бранат: Рудина Алиу од универзитетот „Мајка Тереза“; Јована Мицовска, Ангела Мојсовска и Данило Божовиќ од универзитетот „Св. Кирил и Методиј“; Викторија Јовановска и Стефан Стојановиќ од Универзитетот за туризам и менаџмент; Мила Панчева и Љупче Михајлов од универзитетот „Гоце Делчев“ и Петар Заборски од универзитетот „Св. Климент Охридски“.

- На Летната европска универзијада заминуваме подготвени како и секоја година. Сакам да истакнам дека македонските каратисти традиционално учествуваат и имаат постигнато успеси на официјалните европски универзијади и светските универзитетски првенства.

Очекуваме добро претставување на македонскиот карате тим во Варшава, Полска – вели тренерот Заборски и додава дека во стручниот тим на тренери ќе бидат вклучени и Јован Лазаров и Жарко Арсовски.

univerzitetskata-karate-reprezentacija-na-makedonija-gi-zavrshi-podgotovkite-za-evropskata-univerzijada-vo-polska-02.jpg

На Европскиот универзитетски шампионат во боречки спортови, ќе учествуваат вкупно 1131 спортист од 32 европски држави кои ќе се натпреваруваат во четири боречки спортови: карате, џудо, теквондо и кик бокс. Ќе се претстават младинци од 400 универзитети, а пријавени се 349 тренери, физиотерапевти, медицински лица и тимски тренери.

Најчитани неделава