Вида Гаврилоска Бубалова, психотерапевт: Предрасудите нè ограничуваат, ставаат ригидна рамка на нашите чувства, ставови, акции и животни избори
- Детали
- понеделник, 08 септември 2025
Предрасудите се релативни психолошки ставови со кои не се раѓаме, туку кои се стекнуваат низ сложените процеси на социјализација. Стекнати ставови, кои ги учиме и заземаат многу области од социјалното живеење; ставови кон различни групи на луѓе (род, раса, националност, религија), политика, војна, мир, професија итн. Предрасудите генерално се ставови кои се формирани без доволно обработка на информации и знаења. Ни го одредуваат вредносниот систем, влијаат на нашите ментални функции, перцепција, мислење, на нашите емоционални реакции, на мотивацијата и однесувањето. Воглавном ставаат една ригидна рамка на нашите можности и нашиот личен раст и развој.

Ако ние имаме предрасуда дека “убавите жени не се за верување“ тоа ќе влијае на нас во нивно присуство да бидеме повеќе внимателни, да бидеме дистанцирани за да се заштитиме, ќе ги вреднуваме помалку или со сомнеж, ќе се чувствуваме непријатно во нивно присуство и на свесно и несвесно ниво ќе ги избегнуваме. (Тоа веројатно ќе значи дека таква жена нема да избереме за пријател, соработник, колега, партнер, љубовник).
Ако ваквата предрасуда е стекната врз основа на информации слушнати, видени, доживеани има повеќе простор за промена. Но ако е стекната низ трауматично емоционално искуство со ваква жена има помалку простор за промена без професионална подршка. Но ова значи дека многу луѓе кои спаѓаат во оваа категорија ќе ги отфрлиме пред воопшто да им дадеме прилика да ни се доближат. Со други зборови предрасудите не ограничуваат, ни ги одредуваат чувствата, мислите, акциите, животните избори.
Сите луѓе имаат предрасуди. Колку повеќе луѓето ги одржуваат и негуваат предрасудите, толку повеќе нивните можности, искуства, знаења, односи се поскромни, однесувањето предвидливо, како да се живее во црно-бел свет. Луѓето кои се повеќе свесни за своите предрасуди се многу поспремни да слушнат и примат информации кои се поразлични од претходно стекнатите, повеќе се отворени за нови искуства, си даваат можност за нови емоционални доживувања, повеќе се разбираат себе си, на тој начин живеат во свет со различни и прекрасни бои, смета Вида Гаврилоска Бубалова, Европски Сертификуван Психотерапевт и тренер.
Ако имаме храброст да ги запознаеме „различните од нас“, често сфаќаме дека тоа и не е страшно, туку напротив интересно, убаво и вредно за почит. Ако некој е од различна култура, вера, со поинаков изглед, сексуална ориентација, или со поинаков начин на живот не значи дека е помалку вреден! Кога сме се ставиле во “чевлите на другиот” ни се отворила нова перспектива, нов поглед на нештата, и тогаш многу полесно прифаќаме, разбираме, наместо да осудуваме, исклучуваме или навредуваме.
Предрасудите нѐ оддалечуваат, градат бариери и нѐ спречуваат вистински да се поврземе. Присутни се скоро кај сите.
Единствено без предрасуди се бебињата!
Кога ќе се родиме, ние сме најчистите суштества на планетата. Родени од љубов и за љубов. Никој не се раѓа со предрасуди, тие се учат од светот и околината во која живееме и растеме. Токму затоа е важно младите генерации да ги научиме правилно уште во раните години на развој. Само така може да изградиме подобар свет.
Поттикнати од кампањата на Македонски Телеком #НаправиМесто, која повикува на отвореност и меѓусебно разбирање, а која оваа година е фокусирана на надминувањето на предрасудите, редакцијата на CRNOBELO.com ќе направи повеќе место за вести и приказни кои ги надминуваат предрасудите и ги рушат бариерите.