„Учи за да не бидеш уличар“: Зошто сѐ уште постојат предрасуди против луѓето без универзитетска диплома?
- Детали
- среда, 10 септември 2025
На факултетската диплома и на завршеното формално образование и понатаму се гледа како на потврда дека личноста која ги поседува „ќе има полесен живот“ или барем полесно ќе дојде до работа што ќе може да ѝ ги задоволи професионалните и финансиските потреби. Ама во денешното време полно можности, се’ поголем број луѓе (особено млади) се решаваат да појдат по алтернативен пат и среќата да си ја бараат во професии, занаети и гранки за кои не е потребна диплома, туку љубов и вештина за она што се работи. Дали изреката „Учи за да не бидеш уличар“ е релевантна во 2025?
фото: pexels.com
Современите трендови покажуваат дека денешните работодавци почнуваат повеќе да ги вреднуваат практичните вештини, адаптабилноста и самоиницијативноста кај вработените, но и дека голем дел од младите одлучуваат да практикуваат занает или пак да си ја побараат среќата работејќи професии за кои не е потребна факултетска диплома. Па тогаш, зошто и понатаму постои одредена стигма дека за еден човек да биде соодветно прифатен во општеството, му е потребна диплома за валидација?
Мора да заборавиме на стереотипите за луѓето кои немаат формално образование, време е да ја разбиеме стигмата дека ако некој нема факултетска диплома тоа значи дека ќе биде неуспешен или пак помалку вреден. Ставот дека некој ќе биде неуспешен само поради тоа што не го поминал истиот пат кој го поминале милијарди луѓе пред него е застарен, и искрено кажано, смешен.
Растеме и живееме во свет на можности, во кој секојдневно се откриваат нови работи и каде што новите знаења ни се постојано на дофат на рака – доколку сакаме да посегнеме по нив. Постојано ги слушаме приказните на луѓето кои бркајќи го својот сон, се откажале од добро изгазениот пат на формално образование за да се стекнат поинакви вештини кои ќе им помогнат да ги остварат своите планови.
Во оваа категорија се мал милион успешни бербери, гејмери, шминкери, но и многу столари, готвачи и секаков можен тип на занаетчии. Само затоа што некој нема факултетска диплома, не значи дека не се потрудил да биде она што е во животот. Само затоа што некој не решил да го чекори патот на формалното образование, не значи дека вреди помалку. Баш напротив – вредноста на човекот се препознава во она што тој ќе го направи од себе, во неговиот однос со другите луѓе, во квалитетите и доблестите кои ги зрачи...
Иако универзитетската диплома може да биде предност, таа не е единствениот пат до успехот – а одбивањето да се прифати овој факт само го охрабрува лажниот стереотип дека луѓето без диплома се безвредни во очите на другите. Време е да ставиме крај на оваа предрасуда!
Македонски Телеком неодамна одново ја отвори дискусијата за толеранција, прифаќање и разбирање, која започна минатата година со комуникациската платформа #НаправиМесто, а оваа година во фокус ги става предрасудите во општеството. Само со ослободување од стереотипното размислување базирано на предрасуди и со рушење на бариерите кои постојат меѓу нас ќе успееме целосно да се поврземе.
Поттикнати од кампањата на Македонски Телеком #НаправиМесто, која повикува на отвореност и меѓусебно разбирање, а која оваа година е фокусирана на надминувањето на предрасудите, редакцијата на CRNOBELO.com ќе направи повеќе место за вести и приказни кои ги надминуваат предрасудите и ги рушат бариерите.