Предрасудата се маскира како традиција, како искуство, а всушност е само страв од различното

Кога „Гордост и предрасуди“ на Џејн Остин првпат била објавена (1813), многу критичари ја отфрлиле со предрасуда дека е „женска литература“, банална и лесна, наменета само за дамите што сакаат љубовни приказни. Со текот на времето, истото дело станува еден од најпочитуваните романи на англиската литература, со сложена анализа на класни односи, брак и родови улоги. Интересно е што самата насловна синтагма  „гордост и предрасуда“, станува симбол за тоа колку брзо ние луѓето сме склони да оценуваме некого без да го разбереме.

predrasudata-se-maskira-kako-tradicija-kako-iskustvo-a-vsushnost-e-samo-strav-od-razlichnoto-01.jpgфото: pexels.com

Види го како е облечен, бегај од него клошар! Разведена со црвен кармин и десетка потпетици, сигурно бара маж! Геј луѓето се пореметени личности! Оддалечете ги децата со пречки во развојот, можат да ги повредат нормалните! Ромите само крадат и лажат! Албанците само за копање ги  бидува! Мажите не знаат да чуваат деца! Жена не може да паркира во рикверц! Тој е Влав, скржав е! Предолг е списокот на вакви или слични „изјави во наследство“ од кои ние локално не можеме да се ослободиме со векови, кој не оддалечуваат од вистината и ја хранат дискриминацијата. Овие горенаведени „тврдења“, не само што не се вистинити, туку се побиваат со милиони аргументи. Глупави стереотипи, што го трујат животот. А ги има секакви, етнички, родови, сексуални…

Не е порозова состојбата ниту во светот, каде што длабоко вкоренети предрасуди го обликуваат општеството.

Во далечната 1999 година, престојував во Париз, работејќи како бебиситер. Стануваше збор за угледно буржујско семејство, на кое културата требаше да му биде синоним за воспитание на нивните деца. Живеев во малечка мансарда, а бањата ја делев со соседната соба во која беше сместен Афроамериканец, инаку историчар на уметност кој работеше на реставрација на Нотр Дам. Но, едно од децата кои ги чував, уплашено ми рече: Те молам немој да одиш во бањата каде што живее црнецот, може да те убие! – Зошто Летесија да ме убие? – Такви се црнците, баба ми ми кажа!

Ова серизно ми го запали алармот каде се наоѓам, дали во колонизаторска Франција, или во Париз кој е симбол на слободата, и човековите права, градот што ги осветли сите табуа поврзани со различностите? Очигледно оној  Code Noir со кој црнците во француските колонии официјално се дефинирани како робови, се провлекол низ вековите се до домот на ова угледно семејство.  

Предрасуди? „пред-“префикс кој означува нешто што е однапред, пред да се случи или пред да се провери, „расуди“ -изведено од глаголот „расуди“ (од „суди“), што значи „да донесеш суд, заклучок, мислење“.

Значи буквалното значење на „предрасуди“ е: „суд донесен однапред“, односно мислење или заклучок што се формира пред да имаме доволно факти или искуство.

Замката која понекогаш е бенигна, но може да биде и фатална

Понекогаш ми се чини дека предрасудите кај нас се како старо наследство кое никој не го сака, ама сите си го чуваат. Како куфер со скинати рачки што стои во аголот на дневната соба, знаеш дека треба да го фрлиш, но некако не можеш, затоа што таму има нешто „од дедо“, нешто „од мајка“, нешто што „така сме навикнале“.

Предрасудата е тивка, речиси невидлива, но секогаш присутна. Таа се вовлекува во секојдневните разговори, во навидум безопасните шеги, во „добрите совети“ што се пренесуваат низ генерации. Се маскира како традиција, како мудрост, како искуство, а всушност е само страв од различното.

Етнички шевови

Ние сме држава што се гордее со својата шареноликост, со мозаикот од култури и јазици. Но, зад таа витрина често се кријат длабоки етнички предрасуди. Секој „друг“ е однапред сместен во рамка: Македонецот е вака, Албанецот е онака, Турчинот, Ромот, Влавот, сите добиваат готови етикети уште пред да се запознаат. А парадоксот е што токму во моментите на криза, токму тогаш кога се рушат ѕидовите на предрасудата, гледаме вистинска солидарност, соседи што си делат леб, луѓе од различни заедници, што си ја чуваат улицата, градот, земјата. Едноставно луѓе, кои исто така страдаат од предрасуди во рамките на своите заедници, па одозгора на тоа и од останатите заедници.

Родови кафези

Во секое македонско семејство, барем еднаш, ќе слушнете реченица од типот: „Жената треба да си знае место“ или „Мажот не смее да плаче“. Тоа се оние „златни правила“ што ја кројат нашата перцепција за улогите уште од детството. Девојчињата добиваат кукли, момчињата топки и колички. И така, низ годините, се создава предрасуда дека жената е чувар на домот, а мажот негов кормилар. Но, колку ли примери имаме околу нас што ја побиваат таа шема? Жени кои носат цели компании на свои раменици, мажи кои со нежност и трпение ги одгледуваат своите деца.

Многу веројатно е дека и оние кои тапкаат во волшебниот круг на предрасудите, и самите сакаат да го скршат кафезот.

„Нормално“ како клетва

Можеби најжестоките предрасуди кај нас се насочени кон сè што не влегува во нашето ограничено поимање за „нормално“. Различната сексуална ориентација, поинаквиот стил на живот, уметноста што не ја разбираме, автоматски е мета на осуда. Но токму културата кај нас, иако често маргинализирана, умее да биде најсилниот глас против предрасудите. Македонскиот филм, литературата, театарот, музиката, одамна ја отворија вратата кон теми кои општеството сè уште ги шепоти. Ова ми се чини како најдобро оружје против предрасудите, најсилен образовен медиум кој ја бистри таа застоена калива вода во која си ја давиме слободата, го повредуваме различниот, и тој нас.

Сликата во огледало

Предрасудата е удобна. Таа ни овозможува да судиме без да мислиме, да се плашиме без да истражиме, да одбиеме без да дадеме шанса. Но секогаш кога ќе ја следиме таа логика, го губиме највредното,  можноста да ја видиме човековата сложеност, убавината во различноста.

И ако нешто навистина нè кочи на патот кон Европа, кон „модерното општество“ за кое толку често зборуваме, тоа не се само реформите, нехигиената или бирократските лавиринти. Тоа се нашите предрасуди, сенките што ги носиме со себе, тесноградоста која не дофрла преку рамениците, преку границите.

Прашањето е дали имаме храброст да погледнеме во огледало и да признаеме дека тие се нашите сопствени сенки, а не туѓи?

Можеби е време да престанеме да ги третираме предрасудите како семеен накит што се остава во наследство. Тие не се реликвија, тие се ’рѓа. И ако не ја отстраниме навреме, ќе ни го изеде и домот и иднината.

Македонија нема да ја уништи непријателот однадвор, туку предрасудата однатре.

Поттикнати од кампањата на Македонски Телеком #НаправиМесто, која повикува на отвореност и меѓусебно разбирање, а која оваа година е фокусирана на надминувањето на предрасудите, редакцијата на CRNOBELO.com ќе направи повеќе место за вести и приказни кои ги надминуваат предрасудите и ги рушат бариерите.  

пишува Ана Василевска

Најчитани неделава