НУ Камерен Оркестар на Битола ја почна втората концертна сезона со концертот „Музичка поезија“
- Детали
- среда, 10 септември 2025
На 09.09.2025 година, во салата на Офицерски дом – Битола, НУ Камерен Оркестар на Битола ја отвори својата втора концертна сезона со концертот „Музичка поезија“. Настанот беше посветен на силата на музиката да зборува како поезија – тивко и нежно, но со длабока и силна емоција.
Публиката имаше ретка можност да ужива во настапот на младиот и исклучително талентиран виолинист Леонардо Димоски, кој во првиот дел ја изведе блескавата и емотивна „Поема за виолина и оркестар“ од Ернест Шосон. Под водство на диригентот Горјан Стојановски, оркестарот создаде вистинска звучна слика што ја следеше нарацијата на солистот – патување од темнина и безнадежност кон кулминација на љубов и надеж.
Во вториот дел од вечерта, оркестарот ја продолжи поетската линија со „Интермецо“ од Пјетро Маскањи, бисерот на италијанската опера „Кавалерија Рустикана“, во кој нежната мелодија ја донесе италијанската страст и драма. Потоа следуваше свитата „Сент Пол“ на Густав Холст, каде што се провлекуваше и старата англиска песна „Гринсливс“ – тема за која се верува дека е напишана од самиот крал Хенри VIII во чест на неговата сакана Ен Болејн. Концертот заврши со „Серенада за гудачки оркестар“ од Едвард Елгар, едно од неговите најпознати и најизведувани дела, кое ја слави љубовта и човечката топлина преку препознатливата елеганција на Елгаровите теми.
Концертот воедно го означи и почетокот на мандатот на новиот в.д. директор Љупчо Милевски, кому му посакуваме успех во водењето на институцијата и во градењето на нејзината иднина.
Овој концерт претставуваше симболичен почеток на ново музичко патување во сезоната 2025, а наскоро ќе биде најавен и следниот концерт, кој ветува уште едно незаборавно доживување за битолската и Македонската публика.
За повеќе информации за проектите на НУ Камерен Оркестар на Битола посетете ја нивната вебстраница или нивните профили на социјалните мрежи Facebook и Instagram.
Фото: Диоген Хаџи Коста Милевски