Интервју со Ивица Пешовски, говорник на 8мата годишна конференција за е-трговија и CTO @ Brainster Next College - „Од асистент до соработник: Како автономните AI агенти ќе го променат начинот на работа”
- Детали
- вторник, 21 октомври 2025
Ивица Пешовски е лидер во областа на софтверскиот развој, едукатор и ентузијаст за вештачка интелигенција, со повеќе од една деценија искуство во поврзување на технологијата, лидерството и образованието. Тој е PhD по компјутерски науки со специјализација во вештачка интелигенција и моментално е технички директор (CTO) на Brainster, каде што го води процесот на дигитална трансформација и го предводи развојот на SaaS платформи базирани на AI и иновативни едукативни производи.
Како професор на Brainster Next College, активно ја поврзува академијата со индустријата преку практична примена на современи технологии базирани на вештачка интелигенција. Неговата работа е насочена кон развој на едукативни програми и AI решенија за образование и бизнис. Освен докторската диплома, Ивица во моментов следи и MBA студии со цел да ја зајакне врската помеѓу техничката експертиза и стратешкото лидерство.
На 8. Регионална конференција за е-трговија во Скопје, тој ќе го одржи своето предавање на тема „Како да го подготвите вашиот бизнис за иднината со автономни AI агенти“, каде што ќе сподели увид за тоа како овие агенти веќе создаваат реална вредност и како можат да помогнат на бизнисите да се подготват за иднината. Во продолжение, го пренесуваме неговиот став за AI, образованието и практичните чекори што компаниите можат да ги преземат за успешно користење на автономни AI агенти.
Ивица, изградивте импресивна кариера која ги поврзува софтверскиот развој, лидерството и образованието, спојувајќи го бизнисот со академијата. На LinkedIn често истакнувате дека вештачката интелигенција може да ни помогне да живееме подобро и да работиме попаметно. Од вашето искуство, кои се највлијателните начини на кои AI веќе ги трансформира бизнисите и образованието?
Ивица Пешовски: Ви благодарам. Според она што го гледам и во индустријата и во академијата, AI веќе суштински го менува начинот на кој работиме, учиме и носиме одлуки – на многу практичен начин. Во бизнисот, најголемиот ефект доаѓа од автоматизацијата и поддршката во одлучувањето. Многу организации денес користат AI за извршување добро дефинирани, повторливи и стандардизирани задачи како генерирање извештаи, обработка на податоци или автоматизирана комуникација – што им овозможува на луѓето да се фокусираат на покреативна и повредна работа. Друг значаен сегмент е откривањето аномалии – кога AI постојано ги следи операциите, трансакциите или однесувањето, се откриваат неправилности многу порано отколку што би можеле луѓето. Ваквата интелигентна автоматизација штеди време и трошоци, го намалува ризикот и ја зголемува конзистентноста. Во образованието, најголемата промена доаѓа преку персонализацијата. Индивидуалното подучување може да донесе резултати кои се многу подобри од традиционалната настава (просечниот студент кој има индивидуален тутор постигнува подобри резултати од 98 проценти од студентите кои учат во традиционална училница). Вештачката интелигенција конечно овозможува вакво индивидуализирано учење, прилагодувајќи го материјалот, темпото и пристапот според потребите на секој студент.
Со други зборови – автоматизацијата го прави бизнисот поефикасен, а персонализацијата го прави образованието поблиско до човечките потреби. Таа комбинација на скалабилност и емпатија е вистинската трансформациска сила на AI.
Вашето предавање на 8. Регионална конференција за е-трговија е на тема „Како да го подготвите вашиот бизнис за иднината со автономни AI агенти“. Можете ли да објасните што претставуваат автономните AI агенти и зошто компаниите треба да им обрнат внимание токму сега?
Ивица Пешовски: Наједноставно кажано, тоа се „машини за одлуки“ кои го перцепираат своето опкружување, носат одлуки и преземаат активности за да постигнат одредена цел – без постојан човечки надзор. Тие комбинираат големи јазични модели со алатки, меморија и способности за расудување за да можат да планираат, извршуваат и се прилагодуваат. На пример, наместо вработен да ги собира податоците, да ги анализира и пишува извештаи, автономниот агент може автоматски да открие неправилност, да генерира резиме и да предложи следни чекори. Компаниите треба да обрнат внимание сега, бидејќи ова повеќе не е научна фантастика – AI веќе преминува од „асистент“ во „соработник“. Бизнисите кои први ќе научат како да ги интегрираат и управуваат овие агенти ќе имаат огромна предност во ефикасност, брзина и адаптибилност во однос на останатите компании.
Успешната имплементација на AI бара повеќе од технологија – потребни се стратегија, експериментирање и интеграција. Од вашето искуство, кои се најчестите предизвици со кои се соочуваат компаниите при воведување автономни AI агенти?
Ивица Пешовски: Точно. Имплементацијата на AI, особено на автономни агенти, е исто толку прашање на стратегија и дизајн на процеси колку и на технологија. Најголем предизвик е стандардизацијата. Иако AI добро се снаоѓа со неструктурирани содржини, автономните агенти работат најдобро кога процесите се јасно дефинирани и повторливи. Ако секој оддел работи различно или постојано ги менува процедурите, агентот нема да може да испорача сигурни резултати. Следен предизвик е дигитализацијата и интеграцијата. AI не може многу да помогне ако компанијата се потпира на хартиени формулари, рачни потписи и физички документи. Едноставно кажано, тие не се дел од технолошкиот опсег на автономниот агент. И, секако, тука е човечкиот фактор. Тимовите треба да ги гледаат овие системи како соработници, а не како замена. Кога вработените ќе разберат дека AI е тука за да им ја олесни рутинската работа, тогаш се отвора простор за креативност, решавање проблеми и иновации.
Предавате софтверско инженерство и ја водите дигиталната трансформација на Brainster Next College. Како некој што стои на пресекот меѓу индустријата и академијата, што сметате дека е најважната промена во образованието за идните генерации да бидат подготвени за работа со AI и новите технологии?
Ивица Пешовски: Најважната промена не е само да ги научиме студентите да користат AI, туку да ги разбереме принципите зад него. Пред да очекуваме да соработуваат со интелигентни системи, мора да ги совладаат логиката, структурата и начинот на размислување врз кои тие системи се изградени. Мојата генерација е во уникатна позиција – ние учевме и работевме во време без AI, па ги разбираме процесите од почеток до крај. А сепак сме доволно љубопитни и отворени за новите технологии. Токму таа комбинација ни овозможува да го обликуваме идното работно место, наместо да нè обликува тоа нас. Тоа е менталитетот што сакам да го пренесам на студентите – затоа што без цврсти основи, користењето AI е како возење автономен автомобил без да знаете што прави воланот. Можеби ќе стигнете до целта, но нема да знаете што да направите ако нешто тргне наопаку
Гледајќи напред, кои AI-трендови или иновации мислите дека ќе имаат најголемо влијание врз е-трговијата во следните 3–5 години? И каков совет би им дале на стартапи и компании од Западен Балкан кои сакаат да воведат AI на практичен начин?
Ивица Пешовски: Во блиска иднина, најголем раст ќе видиме во автоматизацијата на работните процеси преку т.н. AI Workflow Automation или GPT агенти. Овие системи веќе не само што анализираат, туку и делуваат, донесуваат одлуки и ги координираат алатките во процесот од почеток до крај. За стартапите и компаниите во регионот, мој совет е да започнат со структурата. Најпрво стандардизирајте и дигитализирајте ги процесите, па потоа воведете AI – и тоа само таму каде што решава реален проблем. Целта не е да се користи AI „за да биде модерно“, туку да го направи секојдневното работење поефикасно, а луѓето да се фокусираат на креативното и стратешкото. AI не треба да биде “лепак” за вашите проблеми, туку план за нова, поефикасна структура на работење.