Здружението 4U го прослави вториот роденден и им даде многу подароци на 27 млади во социјален ризик
- Детали
- понеделник, 27 декември 2021
Првото здружение на граѓани со целна група млади во социјален ризик во Македонија, ЗА ТЕБЕ Скопје (4U), вчеравечер одржа настан по повод новогодишната кампања „Биди и ти Дедо Мраз“ и воедно го обележа вториот роденден.
Претседателката на Здружението, Цеце Николова, која и самата пораснала без родители, вели дека оваа средба донатори и млади лица пораснати без родители - била од особена важност за нивната организација.
„Вчерашниот ден долго ќе го паметиме. Ги поканивме донаторите во новогодишната кампања „Биди и ти Дедо Мраз“, во која собравме огромен број на подароци, и им доделивме признанија. Воедно, го одбележавме и нашиот втор роденден, заедно со триесеттина млади во социјален ризик. Многу убава енергија, многу хумани и луѓе, насмеани лица и подароци на едно место“, вели Николова.
Во новогодишната кампања Здружението 4U собираше 15 подароци од општествено одговорни компании и индивицуалци.
„Во споредба со минатата година, оваа добивме многу подароци. Diners Club донираа 500 евра, во форма на мали апарати за домаќинство, храна и козметика. Универзитет за Туризам и менаџмент нѝ донираше 22.500 денари кои и претворивме во ваучери за облека. Од ДМ дрогерија добивме 15 богати пакети со нивната козметика, а тука се и Наше такси кои нѝ донираа 28 ваучери за возење, во вредност од по 400 денари. Потоа, Киносенс нѝ донираа 50 ваучери за кино и оброк во нивниот ресторан. Јосиф Дамјанов нѝ донираше 36 пакетчиња со здрава храна, а Александра Трпеска нѝ подари мобилен телефон. Supreme Nail Salon донираше ваучер во времетраење од 6 месеци за козметички услуги за една девојка. И, секако, многу новогодишни пакетчиња и индивидуални донатори што сакаа да останат анонимни“, додава претседателката.
Како што велат од здружението, со овој настан испраќаат една успешна година.
„Ова е година што само по убаво ќе ја споменуваме. Година во која вработивме голем дел младинци, потпишавме многу меморандуми за соработка и станавме препознатливи по нашата уникатност. Во 2022-ра ќе се случат многу убави нешта, бидејќи вистиските луѓе се покрај нас. А вие, Ширете љубов, уживајте во празниците и помислете на најранливите“, порачуваат од здружението.
Инаку, Здружението ЗА ТЕБЕ Скопје, работи со млади лица кои до 18-годишна возраст имале статус на дете без родители. Од институциите се заборавени, велат, но затоа приватниот сектор и индивидуалците се оние кои верно ги поддржуваат.
Идејата за отворање ваква организација во земјава се појавила откако претседателката на здружението сфатила дека овие лица се оставени сами на себе по навршување на нивната 18-та година, со оглед дека и самата поминала низ целиот процес на осамостојување на 18 години.