Стартува продажбата на влезници за големото дерби, приходот од истите наменет за развој на македонскиот ракомет

Ракометниот клуб Голден Арт ја информира пошироката ракометна јавност дека од сабота (05.03.2022 година) стартува продажбата на влезниците за престојниот дерби натпревар од првата македонска ракометна лига, дуел на водечките екипи во лигата, РК Голден Арт и РК Алкалоид. Натпреварот ќе се одржи во СЦ „Јане Сандански“ во Општина Аеродром, на ден 10.03.2022 година (четврток) со почеток во 19.30 часот.

startuva-prodazhbata-na-vleznici-za-golemoto-derbi-prihodot-od-istite-namenet-za-razvoj-na-makedonskiot-rakomet-01.jpg

Цената на влезниците ќе изнесува 100 денари, а домаќинот на овој натпревар одлучи приходот од собраните средства од продажба на влезниците да го насочи во поддршка на македонскиот ракомет, за опремување со потребни реквизити и топки на неколку самостојни школи за ракомет низ целата држава.

Голден Арт, клуб чија политика се движи во насока на развој и давање можност за промоција на млади македонски ракометари, има висока свест за состјбата во која работат голем дел од школите во државата, субјекти кои се исклучително важна алка во системот за развој на ракометот во Македонија и кои се инкубатори на млади ракометари кои треба да бидат иднината на македонскиот ракомет.

startuva-prodazhbata-na-vleznici-za-golemoto-derbi-prihodot-od-istite-namenet-za-razvoj-na-makedonskiot-rakomet-02.jpg

Продажбата на влезниците ќе се врши онлјан*, во продажните места на системот за продажба на влезници „Купи Карти За Се“ низ цела Македонија и пред самиот почеток на натпреварот, на билетарницата во склоп на С.Ц „Јане Сандански“, два часа пред самиот старт на истиот. Во продажба ќе биде пуштена ограничена количина на влезници, имајќи предвид дека е дозволено присуство на публика со ограничување на 50% од капацитетот на салата.

*При продажба на онлајн влезница, задолжително е испринтаниот ваучер да се замени со влезница на билетарницата на С.Ц „Јане Сандански“ пред самиот натпревар.

startuva-prodazhbata-na-vleznici-za-golemoto-derbi-prihodot-od-istite-namenet-za-razvoj-na-makedonskiot-rakomet-03.jpg

На самиот влез секој посетител покрај билет ќе треба да покаже сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примени две дози вакцина против вирусот КОВИД-19 или сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравување за лица над 18-годишна возраст.

startuva-prodazhbata-na-vleznici-za-golemoto-derbi-prihodot-od-istite-namenet-za-razvoj-na-makedonskiot-rakomet-04.jpg

Напомена: Без соодветен сертификат/потврда нема да може да се следи натпреварот во СЦ „Јане Сандански, дури и да се поседува влезница за натпреварот.

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg