Пи Диди ослободен од најсериозните обвиненија, но може да помине и 20 години во затвор
- Детали
- четврток, 03 јули 2025
По седум недели, поротата одлучи дека Кеси Вентура и друга поранешна девојка на Пи Диди не биле жртви на рекетирање и сексуална трговија. Со ова, музичарот избегна доживотна казна затвор, но се очекува пресудата за уште неколку помали обвиненија.

По судењето кое траеше седум недели, Шон Комбс, попознат како Пи Диди, беше ослободен од најсериозните обвиненија – сексуална трговија со луѓе и рекетирање.
Доколку беше прогласен за виновен, продуцентот можеше да го помине целиот живот зад решети.
Сепак, поротата заклучила дека Диди е виновен за две точки од обвинението за транспорт со цел проституција. Поради ова, може да добие до 20 години зад решетки, иако некои експерти сметаат дека ќе му биде изречена многу помала казна.
Диди останува во затвор бидејќи треба да биде изречена пресуда за други, помали обвиненија.
Главниот фокус на судењето на Диди беа обвиненијата дека ги присилувал неговите поранешни девојки да учествуваат во развратните секс забави познати како freak offs, за што најмувал проститутки, а понекогаш и ги снимал.
Главниот сведок беше Кеси Вентура која сведочеше дека Диди физички ја напаѓал, ѝ се заканувал и ја уценувал со фотографии и видеа направени за време на забавите доколку не учествува во нив.
Сепак, поротата одлучила дека Кеси Вентура и другата поранешна девојка која сведочеше не биле жртва на сексуална трговија и рекетирање.
Одбраната на Диди тврдеше дека иако музичарот бил во токсична и насилна врска со двете жени, тие сепак не биле жртви на сексуална трговија и рекетирање, туку дека биле „силни независни жени кои своеволно учествувале во забавите“.
По пресудата, одбраната на Диди побарала условно ослободување, што му било одбиено бидејќи не можел да демонстрира дека не претставува закана.
Кога пресудата беше изречена, Диди добил аплауз од неговите блиски во судницата и изјавил:
„Наскоро ќе бидам дома. Ви благодарам, ве сакам“.
Кратко по пресудата, се огласи адвокатот на Кеси Вентура:
„Целиот овој процес започна кога нашата клиентка собра храброст да поднесе граѓанска тужба во ноември 2023-та. Иако поротата утврди дека Комбс не е виновен за сексуална трговија со Кеси, таа го поплочи патот за поротата да утврди дека тој е виновен за транспорт со цел проституција.
Со тоа што го сподели нејзиното искуство, Кеси остави голем белег и во забавна индустрија и во борбата за правда“.
Во меѓувреме, се огласи пријател на Кеси Вентура кој смета дека Диди ќе претставува опасност за сите кои сведочеа против него доколку излезе на слобода.
„Иако ја ценам праведноста што ја покажавте за време на судењето, сметам дека треба да бидам гласен за опасноста што ја претставува Диди за јавноста и луѓето кои ризикуваа сè за да истапат.
Господин Комбс има долга, добро документирана историја на насилно, присилно и одмаздничко однесување. Низ годините, тој многупати избегнал значајна одговорност и секојпат ова само го зајакнувало неговото верување дека е неказнив.
Ако е ослободен сега, не се сомневам дека ова ќе му биде како уште една дозвола да продолжи да им се заканува и да ги повредува луѓето кои го предизвикуваат или разоткриваат“, гласи писмото адресирано до судијата.
Не е познато кога ќе биде изречена казната за двете обвиненија за коишто е прогласен за виновен. Наводно, судијата предложил во октомври, но не бил закажан датум, што значи може да се случи и порано.
Спирова С. | Црнобело