Џеј Ло си ја „отвори“ душата за разводот со Бен Афлек: „Најдоброто нешто што ми се случило, ми помогна да созреам“
- Детали
- понеделник, 29 септември 2025
Џеј Ло го коментираше разводот со Бен Афлек и вели дека иако на почетокот ѝ било тешко, сега сфатила дека ова е најубавото нешто што ѝ се случило. Таа имаше и комплименти за Бен за неговата работа на нивниот последен заеднички филм.

Неполна година по финализирањето на разводот, Џеј Ло ја коментираше разделбата од Бен Афлек, а сподели и дека тоа било најдоброто нешто што ѝ се случило.
Парот, за кој извесен период никој не веруваше дека повторно ќе се раздели, го финализира разводот во јануари годинава. Оттогаш, и Бен и Џеј Ло избегнуваат да зборуваат за драмата.
Џеј Ло поднесе барање за развод во август 2024-та, а како причина навела „ненадминливи разлики“.

Сега, додека гостуваше во шоуто CBS News Sunday Morning, Џеј Ло зборуваше за овој период од животот.
Таа ја спомна и соработката на нејзиниот филм Kiss of the Spider Woman, каде Бен ја имаше улогата на продуцент.

Бидејќи се разделија додека уште работеа на филмот, Џеј Ло вели дека воопшто не ѝ било лесно.
„Беше навистина тежок период. Беше тешко да не мислам на проблемите… Секој миг на сетот, секој момент додека глумев бев среќна.
Но, потоа си одев дома и се чувствував лошо. Се прашував како да се справам со ова. Но, го надминав“.

Со текот на времето, Џеј Ло вели дека сфатила дека разводот бил најдоброто нешто што ѝ се случило бидејќи ѝ помогнал да созрее како личност.
„Разделбата ми помогна да станам посвесна за мене. Сега сум поразлична од личноста којашто бев пред година и пол“.

Пејачката додава и дека по разделбата го имала најубавото лето во животот, се забавувала и вистински уживала.
И покрај тешката разделба, Џеј Ло не ги изостави и комплиментите за професионалноста на Бен.
„Да не беше тој, филмот немаше да биде направен. Секогаш ќе му давам признание за ова.
Му реков дека ова е улогата за која сум родена да ја играм и дека сакам да го снимам филмот. И, ми помогна да го реализирам“.

Бен и Џеј Ло првпат беа заедно во раните 2000-ти – тогаш и се свршија, но сепак раскинаа, наводно поради притисокот од јавноста.
Потоа, во 2021 година ѝ дадоа уште една шанса на врската, а во 2022-ра и се венчаа.

Купија огромна заедничка куќа, но набрзо потоа почнаа шпекулациите дека се соочуваат со проблеми.
Престанаа да се појавуваат заедно, а Џеј Ло неколкупати беше фотографирана како разгледува други куќи.
Минатото лето се дозна дека пејачката поднела барање за развод, кој го финализираа пред неполна година.
Спирова С. | Црнобело