Почина „доктор Слоун“ од Grey’s Anatomy на 53-годишна возраст, по кратка битка со амиотрофична латерална склероза
- Детали
- петок, 20 февруари 2026
Во април минатата година, Ерик Дејн откри дека има амиотрофична латерална склероза – болеста што ја имаше физичарот Стивен Хокинг. Во јуни сподели дека имал проблеми со движење на десната рака, а во октомври беше фотографиран во инвалидска количка. Актерот починал во четврок (19.02), на 53-годишна возраст.

Ерик Дејн, актерот најпознат како доктор Слоун во хит-серијата „Вовед во анатомија“ (Grey’s Anatomy) почина на 53-годишна возраст.
Пред помалку од една година, актерот откри дека страда од амиотрофична латерална склероза – болеста што ја имаше и физичарот Стивен Хокинг.
Тажните вести ги сподели неговото семејство:
„Со тешко срце споделуваме дека Ерик Дејн почина во четврток попладне, по храбра битка со амиотрофична латерална склероза.
Ги помина последните денови опкружен со драгите пријатели, неговата посветена сопруга и неговите две прекрасни ќерки, Били и Џорџија, кои беа центар на неговиот свет.
Низ неговото патување со болеста, Ерик стана страстен активист за зголемување на свесноста, одлучен да направи разлика за другите кои се соочуваат со истата битка.
Многу ќе ни недостасува и секогаш ќе го помниме со љубов. Ерик ги обожаваше неговите фанови и засекогаш е благодарен за љубовта и поддршката што ги добиваше.
Семејството моли за приватност додека се справува со овој невозможен период“.
За потсетување, Ерик Дејн ја откри дијагнозата во април минатата година. Во јуни, сподели дека имал проблеми со десната рака и дланка, а до октомври веќе беше фотографиран во инвалидска количка.
Амиотрофичната латерална склероза е невродегенеративна болест која постепено ги уништува невроните во мозокот и ’рбетниот столб.
Со текот на времето, ова води до мускулна атрофија, парализа и сериозни проблеми со респираторниот систем.
Доста често, во раните фази, болеста се карактеризира со симптоми како грчеви и слабост во мускулите.
Како што болеста напреднува, се губат и способностите за зборување, јадење, движење и дишење.
Најголемиот дел од случаите со амиотрофична латерална склероза се предизвикани од непознати причини, додека мал процент можат да бидат наследни.
За болеста, за жал, не постои лек и третманот се фокусира на забавување на прогресијата и справување со симптомите.
Спирова С. | Црнобело
