Како Холивуд ѝ го „уништи“ животот на Мерилин Монро + досега невидени фотки од неа
- Детали
- четврток, 26 август 2021
Неодамна беа објавени досега невидени фотографии од Мерилин Монро на 19-годишна возраст, направени пред да се прослави и пред да стане русокоса. Набрзо откако се направени фотките, Мерилин стана најголемата ѕвезда во Холивуд, а со тоа почнаа и бројните проблеми во нејзиниот живот.
Мерилин Монро е личноста која ја прослави русата коса и до денес актерката се смета за една oд најубавите жени во Холивуд. Но, пред да се пробие во филмската индустрија и пред да почнат нејзините бројни проблеми, Мерилин била млада бринета која сонувала за успех.
Од Мерилин постојат илјадници фотографии достапни за јавноста, но деновиве беа споделени досега невидени фотки од периодот пред да стане позната. Фотографиите ќе бидат изложени на аукција и ја прикажуваат Мерилин во сосема поразлично светло.
На фотографиите Мерилин има кафеава коса, а е фотографирана од Анде де Диенес – фотограф и поранешно момче на актерката.
Тие се запознале во 1945 година, кратко по разводот на Мерилин од првиот сопруг, а таа веднаш му кажала дека сака да стане актерка. Интересно е што токму овие фотографии ѝ помогнале на Мерилин да стане ѕвезда.
Актерката и фотографот биле заедно краток период, а иако се разделиле, останале добри пријатели сè до трагичната смрт на Мерилин во 1962 година.
На само 36-годишна возраст, Мерилин се предозира со апчиња за спиење и се смета дека најверојатно станува збор за самоубиство. Дотогаш Мерилин се имаше соочено со премногу проблеми, како депресија, разводи, но и огромен притисок од јавноста.
Мерилин, родена како Норма Џин, била згрижувана во 12 разни семејства, бидејќи нејзината мајка често била во ментална институција. Извесен период таа работела во фабрика за авиони, каде што го сретнала и првиот сопруг со кого стапила во брак во 1942 година. Но, се развеле кратко по Втората светска војна.
Овој период Мерилин го запознала фотографот Анде и со текот на времето стана најпопуларната актерка во Холивуд, која денес се смета за икона во филмската индустрија.
Во 1954 година таа повторно стапи во брак, овојпат со бејзбол играчот Џо Димаџио, но се разделија за неполна година. Зад себе Мерилин има уште еден развод по овој, а постојат и гласини дека имала афера со тогашниот американски претседател Џон Ф. Кенеди.
По третиот развод, менталното здравје на актерката почнало да се влошува, па во 1961 година таа самата се пријавила во ментална установа. Наводно, најголем проблем тогаш ѝ претставувала несоницата. Поради проблемите Мерилин речиси и да не се појавувала на снимање, за на крај да добие отказ од последниот филм на којшто работела.
Филмовите на Мерилин заработиле над 200 милиони долари – сума што за тој период е огромна – а нејзината слава ги надминува сите тогашни ѕвезди. Но, Мерилин најчесто беше претставувана само како убава (и глупава) русокоса, а токму ова имало огромен удел во проблемите со психичкото здравје. Од амбициозна и талентирана девојка, таа се претворила во несигурна жена која никако не можела да избега од притисокот на Холивуд.
На крај, во 1962 година, Мерилин беше најдена мртва во нејзиниот дом, опкружена со шишенца од апчиња. Како причина за смртта е наведено предозирање од апчиња, најверојатно самоубиство.
Но, многумина не го прифаќаат ова и некои одат дотаму што веруваат дека актерката била убиена од семејството Кенеди, мафијата, па дури и ФБИ.
Најголема мистерија претставува тоа што оние кои ја виделе денот пред нејзината смрт имаат контрадикторни сведочења – едни тврдат дека била одлично расположена и се чувствувала добро, додека други велат дека тој ден Мерилин била во ужасна состојба.
Животот на Мерилин ќе остане запомнет како една од најтрагичните холивудски приказни за жена која нашла богатство и слава, но не љубов и среќа.
Спирова С. | Црнобело
Би можело да ве интересира:





