Македонска гордост! Таеквондистката Мила Рељиќ од скромно семејство, без услови и скапи тимови зад неа - оди повторно на Олимпијада
- Детали
- петок, 08 август 2025
„Ја победивме двократната олимписката шампионка, светска шампионка и трикратна европска првенка, девојката која со години беше наш идол, наш мотив. Таа имаше зад себе армија: два кондициони тренери, нутриционисти, физиотерапевти, неколку спаринг партнери, најсовремени услови… И покрај сè, Мила се бореше храбро и со цело срце за себе и за својата држава“, вели Александар Ефтимов (39) таеквондо тренерот на Милијана Мила Рељиќ (22).

Александар Ефтимов (39) таеквондо тренер 4 дан и д-р на фармацевтски науки е тренер по таеквондо на Милијана Мила Рељиќ (22).
Таа е најдобра спортистка во Македонија за 2024, во први 10 е на светската таеквондо листа и ѝ најсериозен, ако не и единствен кандидат, за освојување на А норма и медал на Олимписките Игри во Лос Анџелес во 2028 година.

Нејзиниот тренер Александар денес (08.08) по повод годишнината од нејзиното учество на Олимписките Игри во Париз во 2024 ѝ посвети емотивна објава.
Во неговата објава тој нагласува со колку малку услови и поддршка, Милијана стигна до светски успех и е вистинска гордост на Македонија.

Неговата објава гласи:
„Едно мало девојче со голем сон…
Од скромно семејство и мало место (се мисли какво што е Скопје во споредба со светските метриполи), без сала, без услови, без скапи тимови и поддршка, нема скапи реквизити, нема тим од десетици луѓе до најголемата светска сцена, чекор по чекор, со срце што не знае за граници.

Пред точно една година, на денешен ден (08.08), на најголемиот спортски настан Олимписките игри се случи нешто што ќе го паметиме засекогаш. Најголем спортски подвиг во Париз 2024!
Ја победивме двократната олимписката шампионка, светска шампионка и трикратна европска првенка, девојката која со години беше наш идол, наш мотив.
Таа имаше зад себе армија: два кондициони тренери, нутриционисти, физиотерапевти, неколку спаринг партнери, најсовремени услови… А, ние?

И покрај сè, Мила се бореше храбро и со цело срце за себе и за својата држава.
Но, тоа што Мила го покажа тој ден беше повеќе од резултат: тоа беше храброст, дисциплина, борбен дух и страст што ретко се гледаат.

Во втората борба, само еден поен, еден здив, еден миг нè оддели од уште една голема победа.
Првата рунда заврши нерешено, втората еден поен разлика.
Скромните почетоци прават најсилни борци.
ЛОС АНЏЕЛЕС 2028 Е НАШ!“
С. С. | Црнобело
