Родена во куќа од кал, уапсена е за наркотици, а сега е најмоќната жена на светот: Која е првата дама на Венецуела?
- Детали
- петок, 21 ноември 2025
Силија Флорес не е претседател на Венецуела, не седи во официјалната фотелја на кабинетот, а сепак се верува дека таа е вистинската движечка сила зад претседателот Николас Мадуро и една од најмоќните жени во светот.

Во Латинска Америка, каде што моќта се прикажува преку силни машки фигури, особено во политиката, постои жена која со години ја интригира меѓународната јавност.
Се верува дека токму таа, првата дама на Венецуела, ја води државата со својата невидлива, но непоколеблива контрола врз највисоките нивоа на власт.

Родена е на 15 октомври 1956, во гратчето Тинакило како најмладото од шесте деца во семејството. Растела во скромни услови, во куќа направена од земја и кал.
Нејзината животна приказна е моќна, а раскажува за патот од сиромаштија до самиот врв на моќта на една нација, но и за контроверзиите што се зголемија во земјата низ годините, откако почна нејзиното тивко влијание.
Кога се преселила во Каракас, Силија почнала да студира кривично право и работела како адвокат.

Политички хаотичните години во земјата, на крајот на 1980-тите, кога Венецуела преживеа крваво востание познато како „Карасо“, Флорес доживеала политичко будење.
Во следните години, таа станала лојален поддржувач на Уго Чавез, водачот на неуспешниот воен удар во 1992 година.
Таа беше меѓу првите што му понудија правна помош, а со својата посветеност си обезбеди место во неговиот најтесен круг блиски соработници.

Во тоа време го запознала Николас Мадуро, синдикален лидер кој, исто така, бил близок соработник и поддржувач на Чавез.
Љубовта и политичкото партнерство меѓу Силија и Мадуро наскоро создале нераскинлив сојуз, како личен, така и државен.
Во 2000 година, Флорес била избрана за член на Националното собрание, а во 2007 година станала претседател на ова законодавно тело.
Токму тогаш почнала да го демонстрира својот авторитет - честопати им ги исклучувала микрофоните на пратениците од опозицијата и отворено ги нарекувала „грешници“.

Таа не стана политичар кој ги освојува народните маси со своите силни говори, но нејзината моќ растеше зад затворени врати - местото каде што се носат клучните одлуки во земјата.
Флорес, која станала позната по својата бескомпромисност, почнала да назначува членови од нејзиното семејство на важни државни позиции.
Четири од нејзините браќа и сестри, поранешниот сопруг, роднини и синови добија позиции во државните институции.
Кога синдикатите се побунија поради непотизам, Флорес ги поканила на разговор, и само кратко им соопштила: „Заборавете на ова прашање“.

Во моменти кога моќта на Мадуро почна да слабее поради внатрешни борби и народното незадоволство, наводно, неговата сопруга била таа која ги елиминирала сите што можеле да го загрозат нејзиниот сопруг и неговата претседателска позиција.
Таа се потрудила да се разреши министерот за внатрешни работи, кој бил премногу популарен, а подоцна тој бил уапсен под обвинение за заговор.
„Силија или те сака - или те крши“ - изјавил поранешен соработник од претседателскиот кабинет.

Флорес не се двоумела ни дали треба да се вмеша во меѓународните преговори на земјата.
Кога опозицијата се обидела да го собори Мадуро, таа наводно побарала извештај директно од разузнавачката служба.
Во тајни преговори со САД, таа дури и се обидела да тргува со слободата на своите внуци - понудила ослободување на неколку американски државјани притворени во Венецуела во замена за нејзините затворени родни.
Американците не ја прифатиле оваа понуда, но Флорес им испрати порака дека ништо не може да ја сопре и дека таа не остава ништо на случајноста.

Иако не се појавува често во јавноста, меѓународните медиуми постојано ја следат.
Двајца нејзините внуци, Френки и Кампо Флорес, беа уапсени во 2015 година на Хаити во голема операција на американската агенција за сузбивање на наркотици (DEA), поради обид за шверц на 800kg кокаин во САД.
И двајцата беа осудени на 18 години затвор, а доказите од истрагата покажале дека и Флорес била директно вклучена во организирањето на пратката, чија крајна цел била со парите да се финансира кампањата на нејзиниот сопруг.
Денес Мадуро е под обвинение на САД за наркотероризам, а во политичките кругови се слушаат најави дека Силија наскоро би можела да биде обвинета во САД за трговија со дрога и корупција.

Нејзиниот поранешен телохранител, Џазенки Ламас, кој сега сведочи од американскиот затвор против Флорес, тврди дека бил дел од нејзините семејни и политички шеми.
„Се чувствувам изневерено, ме оставија на цедило“ рекол тој во интервју.

Иако нема формална функција и титула, но има огромна моќ, Силија Флорес денес е олицетворение на вистински „владетел во сенка“.
Нејзиното влијание ги надминува границите на Венецуела - таа води битки со дипломати, одлучува за судбината на политичките непријатели, ги штити лојалистите, а брутално ги отстранува заканите.
Тоа, веќе три децении оваа жена ја прави најмоќната дама во Венецуела и една од најмоќните во светот.
А. Ј. | Црнобело
