Се огласи девојката која беше најдена со скршени екстремитети и ’рбет во Дубаи: „Пробав да избегам, но ме најдоа и ме нападнаа“
- Детали
- вторник, 22 јули 2025
Марија Ковалчук која во март беше пронајдена со скршени екстремитети и ’рбет покрај автопат во Дубаи сега ја раскажа својата верзија на настаните. Вели, отишла во хотелската соба на познаник, но тој и неговите пријатели почнале да се однесуваат агресивно. Кога пробала да избега, ја нашле и физички ја нападнале, па сега е во количка и одново учи да оди.

Во март годинава, 20-годишна девојка беше пронајдена покрај автопат во Дубаи со скршени раце, нозе и ’рбет.
Додека надлежните првично велеа дека можеби станува збор за обид за самоубиство, јавноста почна да шпекулира дека девојката била жртва на богаташите во Дубаи кои организираат развратни секс забави познати како porta potty.
Девојката, Марија Ковалчук, моментално е во Норвешка каде што закрепнува од повредите, а неодамна реши да ја сподели својата верзија на настаните.
Во емотивно интервју со познатата руска новинарка Ксенија Собчак, Марија открива дека била жртва на физичко насилство поради што поминала извесен период во кома, а сега е во инвалидска количка и одново учи да оди.
Нејзините напаѓачи биле група млади луѓе кои биле деца на богати бизнисмени од Русија и Украина.
Марија вели дека сè почнало откако го испуштила својот лет до Тајланд бидејќи се успала. Кога се одјавувала од хотелот во Дубаи, во лобито налетала на познаник што го сретнала претходно во бар.
Кога му кажала што се случило, тој ја поканил во неговата хотелска соба и ѝ предложил следниот ден да оди со него во Тајланд, со неговиот приватен авион.
Бидејќи го познавала, Марија се согласила.
Кога отишле во хотелската соба, таму имало уште тројца (богати) пријатели на познаникот – маж и две жени.
„Кога отидовме во собата, сите беа малку пијани, како да се вратиле од забава. Денот помина добро – разговаравме за патувањето до Тајланд. Дури ѝ се јавив и на мајка ми, ѝ кажав дека сè е во ред“.
Но, следниот ден атмосферата во собата се променила – мажите делувале агресивно.
„Пиеја посилен алкохол, како виски. Почнаа да ме задеваат, да ме прашуваат зошто јас не сум пиела. Потоа станаа малку агресивни, се шегуваа дека јас им припаѓам нив, дека можат да ми направат што и да сакаат.
Пробав да го сфатам ова како шега, но почнаа да се однесуваат лошо, да кршат шишиња од подот. Потоа ми ги зедоа личните предмети, вклучувајќи го и пасошот“.
Марија додава дека почнале да ѝ зборуваат како сакаат да имаат секс со неа и ова почнало да ја плаши.
Па, пробала да излезе од собата, но тие само ја вратиле назад. Потоа, додека биле на балконот, Марија успеала да избега од хотелот и се скрила на градилиште во непосредна близина.
Сепак, мажите успеале да ја најдат и тогаш ја нападнале.
„Избегав. Кога бев на улица, не ги гледав, но знаев дека доаѓаат. Истрчав до првата зграда што ја видов и се скрив таму. Зградата уште се градеше“.
Кога повторно ја нашле, уште еднаш ја нападнале, но Марија вели дека тогаш веќе изгубила свест, веројатно бидејќи ја удриле по главата. Не знае дали сериозните повреди настанале бидејќи ја удирале или бидејќи ја фрлиле од зградата.
„Ми фали дел од сеќавањето. Следното нешто што го помнам е како барав помош од автомобил кој поминуваше покрај мене. Носев бањарка од хотелот“.
Девојката истакнува дека снимките од безбедносните камери во хотелот се избришани и нема физички докази, додека двајцата мажи што ја нападнале првично биле приведени, но потоа ги ослободиле.
Болничките трошоци за Марија биле целосно покриени од властите во Дубаи, но мајка ѝ смета дека ова е со цел да се заштитат децата на богаташите.
„Сега тие (напаѓачите) тврдат дека пробувале да ја најдат Марија и да ѝ помогнат и дека таа самата сакала да присуствува на нивната забава“.
Истрагата за страшниот инцидент уште е во тек и засега не е приведен никој. Марија, пак, вели дека лекарите имаат добра прогноза за неа и дека со малку упорност, ќе може повторно да оди.
Прочитајте повеќе: Детали за мистериозниот случај на девојката најдена со скршеници во Дубаи – наводно била жртва на развратна забава со шеици
Спирова С. | Црнобело