Венус Вилијамс за операцијата на матка: „Ми рекоа дека ќе искрвавам до смрт и дека нема да останам бремена - погрешија“
- Детали
- петок, 01 август 2025
„На овој ден, пред 1 година, имав операција, отворена миомектомија, за отстранување фиброиди и голем фокален аденомион, кој беше вграден во мускулот на мојата матка. Ми кажаа дека не може да се оперира. Ми рекоа дека може да искрвавам до смрт на операциона маса. Ми рекоа да си најдам сурогат мајка и да заборавам дека ќе можам да износам свои деца. Погрешно дијагностицираа. Бев нетретирана со години“ - вели тенисерката Венус во својата исповед.

Американската тенисерка Венус Вилијамс (45) на својот Инстаграм профил објави исповед во која се отвори за сопственото здравје.
Таа сподели повеќе фотографии од себе во болнички кревет и откри дека пред точно една година имала операција на матка.
Долги години таа се мачела со болки и тешки менструални циклуси, а докторите ѝ велеле дека нема решение, па дури и дека нема да може да остане бремена.
Сега, една година подоцна, таа ја поткрева свеста за отстранување на фиброиди од матката и сака да им покаже на жените дека ако се борат за своето здравје, може да најдат решение и лек за проблемот кој го имаат, доколку се соочуваат со истата здравствена ситуација како неа.
Засега таа уште нема деца, но игра голема улога како тетка, во одгледувањето на децата на нејзината сестра Серена Вилијамс.
Објавата на Венус гласи:
„На овој ден, пред 1 година, имав операција, отворена миомектомија, за отстранување фиброиди и голем фокален аденомион, кој беше вграден во мускулот на мојата матка.
Колку голема разлика прави една година! Го играв првиот турнир во повеќе од 16 месеци и сега се подготвувам да играм на US Open.
Оваа објава е славење на последниот ден од месецот за поткревање свест за фиброиди. Може да има и среќни краеви!

Ми кажаа дека не може да се оперира. Ми рекоа дека може да искрвавам до смрт на операциона маса.
Ми рекоа да си најдам сурогат мајка и да заборавам дека ќе можам да износам свои деца. Погрешно дијагностицираа. Бев нетретирана со години.
Многу е важно да се борите за вашето здравје. Страдав од анемија, исцрпувачка болка, прекумерно крвавење и ненормално чести менструални циклуси, со години.

Тоа ми влијаеше на тенисот и на мојата кариера. Ја раскажав мојата приказна за и други жени кои минуваат на истото да можат да се опорават побрзо.
Благодарам на докторите кои ме водеа по патот до подобро здравје, заради што се вратив на спортот кој го сакам и ми помогнаа да поткренеме свест за овој проблем кој се лекува.
Сега играм поздрава од кога било, сонот ми се исполни“.


М. М. | Црнобело