Обвинет е за педофилија, излезе од затвор: Кој е осомничениот за исчезнувањето на Медлин МекКен од 2007-ма?
- Детали
- среда, 24 септември 2025
Главниот осомничен за исчезнувањето на 3-годишната Медлин МекКен од 2007-ма е маж кој неодамна излезе од затвор. Тој веќе има дебело досие – обвинет е за сексуален напад на деца, за силување повозрасна жена, но и за соблекување пред малолетници.

Исчезнувањето на Медлин МекКен е можеби една од најпознатите мистерии, најмногу бидејќи веќе 18 години, нема никаква трага од малото девојче.
Медлин исчезна во 2007-ма, на само 3-годишна возраст, а потрагата по неа трае и денес.
Од 2020 година, надлежните имаат осомничен – маж кој има историја со прекршоци, вклучително и силување, поради што беше во затвор.
Но, неодамна тој беше пуштен на слобода.

Што знаеме досега за исчезнатото девојче и главниот осомничен?
Родителите на Медлин беа првите осомничени
Во 2007 година, Кејт и Џери МекКен отишле на одмор со нивните деца – 3-годишната Медлин и 2-годишните близнаци. Биле сместени во ресорт во Праја да Луз во Португалија.
Семејството, кое потекнува од Британија, било во друштво на неколку пријатели.

На 3-ти мај, Кејт и Џери ги оставиле децата да спијат и со пријателите отишле во ресторанот во склоп а ресортот, на околу 60 метри од нивниот апартман.
Го оставиле апартманот отклучен и повремено оделе да ги проверат децата.

Неколкупати сè било во ред, но за време на последната проверка, Кејт забележала дека еден од прозорците е отворен, а малата Медлин не била во својот кревет.
Оттогаш, на девојчето му се губи секаква трага.

Случајот веднаш привлече внимание, а Кејт и Џери беа постојано следени од медиумски екипи.
Првично, португалската полиција се сомневаше во нив, но тие стоеја на ставот дека не се вмешани во исчезнувањето на ќерка им.
Конечно во 2008 година, беа ослободени од обвиненијата, но потрагата по Медлин стоеше во место.

Главниот осомничен е маж кој е обвинуван за силување
Покрај португалската полиција, неколку европски држави се вклучија во потрагата по малата Медлин, како Британија, родната земја на семејството, и Германија.
Токму германските обвинители го именуваа Германецот Кристијан Брукнер за осомничен.

Во 2020 година, тие само споделија дека имаат можен осомничен, за две години подоцна да кажат дека таа личност е и официјалниот осомничен за исчезнувањето.