Обвинет е за педофилија, излезе од затвор: Кој е осомничениот за исчезнувањето на Медлин МекКен од 2007-ма?
Тој период не го открија неговиот идентитет, но и оваа информација брзо стигна до јавноста.
„Моето лично мислење е дека релативно брзо го убил девојчето, можеби прво го малтретирал и потоа го убил“, гласеше изјавата на едниот од обвинителите во 2020 година.

Осомничениот Кристијан негира дека има каква било поврзаност со исчезнувањето на Медлин, иако веќе има дебело криминално досие.
Кристијан бил роден во 1976 година и бил посвоен како бебе. Наводно, семејството што го посвоило се откажало од него, па потоа пораснал во друго семејство.
Неговата историја со сексуални прекршоци почнува околу 1993 година, кога пробал да нападне 6-годишно девојче.

Кристијан се преселил во Португалија во доцните 1990-ти, а бил таму и во периодот кога исчезнала Медлин.
Во 2017 година, бил екстрадиран од Португалија во Германија и овде поминал 15 месеци во затвор за сексуален напад на дете.
Потоа, во 2019 година, добил седумгодишна затворска казна за постаро злодело – во 2005-та силувал 72-годишна жена.

Во 2024-та, Германецот отишол на уште едно судење, овој пат за три силувања и неколку сексуални напади кои ги извршил во периодот од 2000 до 2017-та, односно додека живеел во Португалија.
Исто така, бил обвинет и дека се соблекол пред 10-годишно и 11-годишно девојче во два одделни случаи, исто така додека бил во Португалија.
За крај, осомничениот Германец отслужувал и затворска казна за продавање дрога.

Каде е денес осомничениот Кристијан?
Кристијан сè уште не е официјално обвинет за исчезнувањето на Медлин бидејќи обвинителите уште работат на случајот.
Според надлежните, мора да имаат повеќе цврсти докази, но и да го најдат телото на девојчето, за да можат да го изведат на суд.
Сепак, дел од нив се сигурни во неговата вина и пробуваат да ја докажат.

Минатата недела, Кристијан беше ослободен од затвор бидејќи ја одлежа седумгодишната казна за силување на возрасната жена.
Британските власти се надевале дека ќе имаат можност да го испрашаат во врска со Медлин, но тој одбивал да зборува со нив.
Не е познато каде во Германија живее осомничениот, но неодамна беше забележан во продавница за телефони.

Иако тој носи уред за следење на ногата, некои сметаат дека можеби ќе проба да избега од државата.
За британските медиуми, пак, се огласи продавачот кој му го продал мобилниот телефон:
„Ми рече дека имал некакви информации. Не знам дали за случајот со Медлин, но рече дека имал докази што ќе стават крај на ’скандалот на векот‘.
Рече дека ќе стави крај на сите обвиненија против него… Помислив дека можеби знае луѓе кои биле вклучени, но јасно е дека знае повеќе од тоа што ѝ го кажал на полицијата“.

Продавачот додава и дека осомничениот му спомнал дека стравува за својот живот, односно дека некој сигурно ќе го убиел.
Прочитајте и: Родителите биле на вечера кога таа исчезна, ги обвинуваа дека го скриле нејзиното тело – Која е Медлин МекКен, девојчето по кое се трага 16 години?
Спирова С. | Црнобело