„Живеам во гратче на Алјаска каде сонцето не изгрева по 2 месеца – славиме кога завршува поларната ноќ“
- Детали
- вторник, 25 ноември 2025
„Темницата не нè забавува, но мораме да го слушаме телото за тоа кога е време да одмориме, да си легнеме. Некои луѓе користат ламби кои имитираат сончева светлина, а јас секој ден пијам суплементи со витамин Д“, раскажува наставничка која живее во гратче каде секоја зима има поларна ноќ која трае 2 месеца.

Секоја зима, во градот Уткијагвик на Алјаска има поларна ноќ, односно сонцето заоѓа и не изгрева околу два месеца.
Годинава, 2025-та, сонцето зајде на 23-ти ноември, во 13:30 часот и нема да изгрее сè до 23-ти јануари.
Поларната ноќ настанува поради закривеноста на Земјата во однос на нејзината орбита околу Сонцето.
Прочитајте повеќе: Зошто настанува поларната ноќ и како луѓето преживуваат неколку месеци без Сонце?
Уткијагвик е едно од неколкуте населени места на Земјата каде има поларна ноќ. Гратчето има околу 4.300 жители, а овде живве и наставничката Робин Ривс.
За Daily Mail, 56-годишната наставничка открива како жителите ја преживуваат поларната ноќ секоја зима.
„Многу е важно да имате пријатели и контакт со други луѓе. Овде не ви е од корист да бидете самотник.
Исто така, мора да имате активности кои ќе ви го пополнат времето. Јас имам група пријатели со кои играм друштвени игри“.
Робин вели дека гратчето е мало и изолирано и нема многу можности за забава како во поголем град, па мораат да се снаоѓаат сами.
Додава и дека поларната ноќ не им ги попречува секојдневните обврски, но дека сепак треба време за адаптација.
„Темницата не нè забавува, но мора да го слушаме телото за тоа кога е време да одмориме, да си легнеме. Мислам дека ова е тешко за учениците на кои им треба повеќе сон пред училиштен ден.
Некои луѓе имаат ’среќни ламби‘ (ламби што имитираат сончева светлина). Јас, пак, секој ден пијам суплементи со витамин Д“.
Робин живее на Алјаска од 2022 година – претходно живеела во Арканзас и редовно го посетува родниот крај. Но, останува на Алјаска за дел до поларната ноќ.
„Ова ќе ми биде четврта поларна ноќ. Поларната ноќ се случува постепено – денот се намалува за 15 до 18 минути.
За Божиќ ќе одам во Арканзас и ќе бидам среќна кога ќе го видам сонцето“.
Робин има и ритуал со кој го испраќа последното зајдисонце пред поларната ноќ. Открива дека го гледа филмот 30 Days of Night.
Дејството е сместено токму во гратчето Уткијагвик, каде за време на поларна ноќ почнуваат да напаѓаат вампири.
И, вели дека го сака филмот бидејќи може да се смее на сите погрешни факти во него.
Покрај тоа што нема сонце, за време на поларната ноќ проблем се и пониските температури.
„Денот ми почнува во седум наутро и прво ја проверувам временската прогноза.
Овде времето може да биде страшно, особено во јануари и февруари. Повеќето денови, температурата е под нулата“.
Бензинот на овој крај од светот е скап, па повеќето луѓе немаат автомобили и одат на работа со такси коешто го делат.
Робин смета дека животот на вакво место може да биде убав, но и полн со предизвици.
„Дефинитивно ќе ви треба топла облека. Треба да бидете подготвени да решавате проблеми и да не чекате некој да го прави тоа за вас.
На пример, ако ви се скрши клучот во бравата, не можете само да чекате пред врата некој да дојде да ви помогне – можете да смрзнете“.
И покрај предизвиците, Робин истакнува дека е задоволна во Уткијагвик и си ги сака сограѓаните.
„Поларната ноќ навистина нè тера да го цениме сонцето. На крајот на поларната ноќ славиме.
Уткијагвик е една од најразновидните средините што сум ги видела. Секоја култура си слави на свој начин и сите се поканети да се вклучат“.
Спирова С. | Црнобело
