Измамник со криптовалути и неговата сопруга сурово убиени во Емиратите за 380 милиони долари: Детали за случајот што го потресе светот
- Детали
- четврток, 04 декември 2025
Рускиот измамник со криптовалути и неговата сопруга биле измачувани од луѓе кои сакале да добијат пристап до нивниот дигитален паричник на кој имало над 380 милиони долари. Откако не успеале, ги убиле, а телата им ги скриле во пустина во Обединетите Арапски Емирати.

Убиството на измамник со криптовалути и неговата сопруга ја потресе јавноста, особено откако полицијата почна да споделува детали.
38-годишниот Роман Новак и неговата сопруга, 37-годишната Ана, биле киднапирани и сурово убиени во Обединетите Арапски Емирати, а нивните тела биле скриени во пустината.
Полицијата ги открила нивните тела во ноември, а сега споделуваат повеќе детали со јавноста.
Новак и неговата сопруга беа прогласени за исчезнати на почетокот од октомври, откако нивните семејства не можеле да стапат во контакт со нив.
Според првите извештаи достапни за јавноста, тие биле поканети во вила од страна на маж кој им се претставил како потенцијален инвеститор.
Но, мажот и група луѓе ги киднапирале и пробале да изнудат пари од нив.
Се претпоставува дека Новак и сопругата имале околу 380 милиони долари во криптовалути, па киднаперите сакале да допрат до кодовите за нивните дигитални паричници.
Ги однеле во пустината, каде што ги измачувале и на крај ги убиле, откако не успеале да допрат до криптовалутите.
Како што откриваат надлежните, киднаперите биле добро подготвени и користеле силни хемикалии за да ги отстранат сите ДНК траги. Потоа ги ставиле телата на нивните жртви во цемент и ги закопале во пустината.
Надлежните споделија и дека убијците ги користеле телефоните на парот за да ги збунат детективите – им ги одзеле и го вклучувале на разни локации.
Полицијата веќе има приведено неколку осомничени, од кои двајца признале вина.
Тројцата осомничени потекнуваат од Русија и надлежните од Емиратите споделија дека ќе бидат пренесени во Санкт Петерсбург.
Инаку, убиениот Новак имал историја со финансиски измами.
Во родната Русија добил шестгодишна казна затвор за измама, но бил ослободен порано.
Потоа се преселил во Дубаи каде што почнал да се претставува како успешен претприемач со криптовалути.
Тврдел дека има своја платформа која нуди брз трансфер на криптовалути.
Успешно измамил инвеститори од целиот свет, со што нелегално заработил над 380 милиони долари.
Новак и сопругата имале раскошен живот, а тој честопати се фалел за неговите конекции со моќни луѓе, вклучувајќи го и основачот на социјалната мрежа Telegram.
Според руските медиуми, Новак зад себе имал и други измами преку кои се стекнал со многу пари.
Засега не е познато дали луѓето што го убиле се негови поранешни соработници, луѓе што ги измамил или само знаеле за неговите пари и сакале да ги украдат.
Но, некои извори тврдат дека Новак бил должен околу половина милијарда долари и пробувал да ги собере парите непосредно пред да биде убиен.
И, се претпоставува дека убиството било нарачано од луѓето на коишто им ги должел парите.
Спирова С. | Црнобело