Трогателна глетка во Швајцарија: Стотици луѓе на улиците во Кран-Монтана им оддаваат почит на загинатите во пожарот и бараат правда
- Детали
- понеделник, 05 јануари 2026
Надлежните ги идентификуваа сите 40 жртви во пожарот во Кран-Монтана, од кои повеќето се тинејџери. 30-тина преживеани со тешки изгореници, пак, се лекуваат во други држави. Во швајцарскиот град, атмосферата е депресивна – семејствата им оддаваат почит на загинатите, но бараат и правда.

Во пожарот во Швајцарија кој премногу наликува на трагедијата во Кочани, загинаа вкупно 40 лица, а вчера (04.01), надлежните споделија дека ги идентификувале сите жртви.
Пожарот избувна во бар во Кран-Монтана, а повеќе од половина од загинатите се тинејџери.
Во неделата, стотици луѓе мирно им одадоа почит на загинатите на улиците на Кран-Монтана, а неделава ќе бидат и денови на жалост во Швајцарија.
Говор одржа епископот од црквата во Кран-Монтана, кој го сподели сочувството и на папата Лав.
„Безбројни луѓе придружете ни се – луѓе чии срца се скршени. Папата Лав ни се придружува во нашето тагување.
Во трогателна порака, тој ги искажува неговото сочувство и неговата загриженост за семејствата на жртвите и ја зајакнува храброста на сите кои страдаат“.

Како што пренесува Reuters, околу 26 од загинатите се тинејџери, вклучувајќи и 14-годишни деца од Франција и Швајцарија.
Бидејќи Кран-Монтана е туристичко место, има жртви од неколку земји, вклучувајќи и тинејџер од Македонија.
Како што пренесоа властите, 21 жртва е од Швајцарија, седум се од Франција, а шест од Италија. Има жртви и од Романија, Турција, Португалија, Белгија…

Повредени се околу 119 лица, од кои голем дел се со сериозни изгореници. Надлежните споделија дека дури 35 од повредените се префрлени во специјализирани болници во Белгија, Франција, Германија и Италија.
Истрагата за трагедијата уште е во тек, но засега останува претпоставката дека пожарот настанал поради прскалки од кои се запалил таванот на барот. Поради изолацијата на таванот, пожарот се проширил многу брзо.

Сопствениците и менаџерите на барот се под истрага, но не се во притвор, бидејќи, како што велат надлежните, нема ризик дека ќе побегнат.
Атмосферата во Кран-Монтана е депресивна – бројни луѓе се собираат на улиците, на минусни температури, оддавајќи им почит на загинатите, но и барајќи правда за трагедијата.
Прочитајте и: Потресни сведоштва од пожарот во дискотека во Швајцарија: „Гледав како горат луѓе, влегов внатре за да го спасам брат ми“
Повеќе фотографии од Кран-Монтана деновиве во продолжение:


