Потресни сведоштва од пожарот во дискотека во Швајцарија: „Гледав како горат луѓе, влегов внатре за да го спасам брат ми“
- Детали
- петок, 02 јануари 2026
„За неколку секунди, целиот таван беше во пламени. Сè беше направено од дрво и пожарот почна да се шири многу брзо“, раскажуваат две девојки кои велат дека имале среќа што успеале да се спасат од пожарот кој избувна во дискотека во Швајцарија за Нова година.

2026 година започна со трагедија во Швајцарија, откако изби пожар во ноќен клуб во кој загинаа најмалку 47 лица, а над 100 останаа повредени.
Пожарот избувнал околу 1:30 часот по полноќ, во подрумот на популарен локал лоциран во Кран-Монтана во Швајцарија. Се проширил многу брзо, а гостите немале време ни можност да избегаат.
Се шпекулира дека меѓу повредените е и еден од сопствениците на локалот.

Дискотеката била една од попопуларните од областа, а била и место каде што им се дозволувал влез и на лица на 16-годишна возраст, не само полнолетни.
Гостите биле лоцирани во подрумот, каде и што почнал пожарот, а локалот имал и затворена тераса на горниот кат.
Сега надлежните истражувале дали дискотеката во подрумот била „катастрофа што чекала да се случи“, бидејќи единствениот излез до горниот кат биле само тесни скалила.

Се претпоставува дека голем број од загинатите настрадале во стампедото кое настанало додека луѓето пробувале да избегаат преку скалилата.
Исто така, се истражува и дали дрвените елементи во локалот заедно со материјалот за изолација довеле до забрзаното ширење на пожарот.
Додека уште се утврдува точната причина за пожарот, некои сведоци раскажуваат дека започнал поради прскалки.
Имено, келнерка држела шампањ со прскалка, а од искрите се запалил таванот. Поради материјалот за изолација на таванот, пожарот брзо почнал да се шири.

Настанале и мали експлозии кои, пак, веднаш ги запалиле дрвените елементи и површини.
Се поставува прашањето дали во локалот воопшто имало соодветни услови за да се користи пиротехника, како прскалките. Истовремено, почна да се зборува за рејтингот за безбедност на локалот на веб-сајтот Wheree.
На веб-сајтот, посетителите сами ги оценуваат локалите, а дискотеката што изгорела имала оценка 6,5 од 10.
Преживеаните и очевидците споделија и страшни сведоштва од трагедијата.

„Мислев дека мојот помал брат е внатре, па отидов и пробав да го скршам прозорецот за да им помогнам на луѓето да излеваат. Потоа влегов и јас“, раскажува 18-годишен дечко кој посакал да остане анонимен.
За BBC, тој открива дека бил во близина на локалот, кога слушнал експлозија и видел чад.
Барајќи го својот брат, влегол внатре, каде што затекнал вистински хорор.
„Гледав луѓе како горат… Видов луѓе кои беа целите изгорени, веќе немаа ни облека.
Беше вистински шок. Неделава секој ден одев во локалот. Не отидов само дента кога изгоре“, вели дечкото и додава дека брат му ја преживеал трагедијата.

За францускиот медиум BFMTV, две жени кои за среќа успеале да се спасат, велат дека веруваат дека пожарот почнал кога келнерка ставила „роденденски свеќи или прскалки“ на шишиња шампањ.
„За неколку секунди, целиот таван беше во пламени. Сè беше направено од дрво и пожарот почна да се шири многу брзо“.
Девојките додаваат дека евакуацијата била многу тешка бидејќи единствениот пат до надвор биле тесните скалила.
„Ние имавме среќа… Околу 200 луѓе пробуваа да избегаат преку скалилата за само 30 секунди“.
Тинејџер кој бил во локалот за BBC вели дека прво пробувал да се скрие од жештината, пред да успее да избега преку скалите.
Иако успеал да се качи на горниот кат, не можел да излезе низ вратата, па пробувал да скрши прозорец со маса. Кога не успеало ни ова, почнал да удира по прозорецот со ногата, го скршил и излегол на безбедно.

Повозрасен маж кој бил сместен во близина на локалот исто така раскажува за експлозии, за кои прво помислил дека се од петарди.
Потоа слушнал извици и плачење, но си помислил дека има некоја тепачка. Штом слушнал дека доаѓа брза помош, па и пожарна, сфатил дека се случува нешто сериозно.
Жена која исто така бил сместена во близина на локалот открива дека со сопругот се враќале кон хотелската соба кога намирисале чад и на земјата виделе изгорена јакна.
„Луѓето трчаа на сите страни, викаа и плачеа. Видов како неколку луѓе ги изнесуваат на носилки.
Ми пријде млад маж и ми рече дека го видел пеколот, работи што никогаш нема да ги заборави. И, јас само замрзнав во место“.
Жената и сопругот отишле во нивната соба, но вели дека цела вечер слушале викотници.

Студент, пак, раскажува како пристигнал во локалот со група пријатели во мигот кога почнал пожарот.
„Луѓе трчаа кон надвор, видов чад, па оган“.
Сакајќи да помогне, тој отишол во друг ресторан од околината каде биле сместени неколку повредени лица. Пробувал да им помогне додека да дојде брзата помош.
„Еден од нив ми кажа дека сè го болело. Некои од нив само викаа, ништо друго. Други не зборуваа ништо, само лежеа на подот“.
Маж од Италија открива дека негов пријател се здобил со тешки изгореници, а друг бил пренесен во Цирих со хеликоптер.
„Нашиот пријател… минатата ноќ немавме никакви новости, не можеа да го најдат. Со другите пријатели воопшто не спиевме, немаме ни јадено нешто“.
