Страшен пожар во бар во ски центар во Швајцарија со најмалку 40 загинати и повеќе од 100 повредени - се трага и по еден Македонец
- Детали
- четврток, 01 јануари 2026

Страшна несреќа ја погоди Швајцарија вчеравечер по полноќ, на 1-ви јануари 2026 година. Околу 40 луѓе загинаа, а 115 беа повредени кога пожар зафати преполн бар за време на новогодишна прослава во елитното швајцарско скијачко одморалиште Кран-Монтана.
Полицијата соопшти дека пожарот избувнал околу 1:30 часот по полноќ, додека луѓето славеле во барот „Le Constellation“ во југозападна Швајцарија, за кој локалните жители велат дека бил популарен меѓу тинејџери.

Меѓу исчезнатите е и еден Македонец - младиот Стивен Ивановски, со кого не можат да стапат во контакт после пожарот во Кран Монтана.
Ивановски, последен пат е виден за време на пожарот што избувнал во познатиот зимски центар.
Неговите роднини и пријатели бараат помош и информации преку социјалните мрежи.


Швајцарскиот претседател Ги Пармелен ја опиша несреќата како „една од најлошите трагедии што Швајцарија некогаш ги доживеала“ и изјави дека поголемиот дел од загинатите биле млади луѓе.
Причината за пожарот, кој првично бил пријавен како експлозија, сè уште не е јасна, но властите соопштија дека според првичните информации станува збор за несреќен случај.
Сведоци опишаа сцени на паника и конфузија додека луѓето се обидувале да излезат.
„Имаше луѓе што врескаа, а потоа луѓе што лежеа на земја, веројатно мртви“, изјави локален жител, кој го видел настанот по пожарот. „Имаа јакни преку лицата – тоа е сè што видов...“

Според досегашните информации, околу 40 лица се претпоставува дека се мртви, а 115 се повредени, најголемиот дел сериозно.
Две млади Французинки, кои биле во барот, за француската телевизија BFM TV изјавија дека виделе како пожарот започнал во подрумскиот дел од клубот откако шише со „роденденски свеќи“ било подигнато премногу блиску до дрвениот таван.
„Огнот се прошири по таванот неверојатно брзо“, изјави една од нив. Тие рекоа дека успеале да се искачат по тесни скали до приземјето и да избегаат. Неколку минути подоцна, огнот веќе стигнал и до приземјето.

Оваа телевизија прикажа видео од келнерка која носи шише шампањ со запалена прскачка свеќа низ барот, но снимката не го прикажува моментот кога избувнал пожарот.
Сведоци изјавија дека многу од луѓето во барот биле од различни земји, но властите рекоа дека идентификацијата на тешко изгорените тела ќе потрае.
Италијанскиот амбасадор во Швајцарија изјави дека локалните власти му рекле дека пожарот бил предизвикан од некој што активирал огномет во внатрешноста на барот.
Видео-снимки покажаа редици амбулантни возила и хеликоптери кои ги пренесувале жртвите во болници и специјализирани центри за изгореници во Лозана, Цирих и други градови. Франција, Германија и Италија понудија помош за лекување на повредените.
Она што требаше да биде момент на радост, на првиот ден од годината се претвори во жалост што ја погоди Швајцарија и цела Европа.
С. С. | Црнобело / фото
