„Бев маскиран во шеќерна трска на настапот на Бед Бани на Super Bowl - се пријавив на оглас на ТикТок“
- Детали
- среда, 11 февруари 2026
Шеќерните трски на настапот на Бед Бани на полувремето на Super Bowl се меѓу најзборуваниот детаљ откако јавноста дозна дека се всушност луѓе во костими. Некои луѓе кои ги „глумеле“ трските откриваат како допреле до чудната позиција и како си поминале на настанот. Не откриваат колку биле платени, но се шпекулира дека добиле околу 1.300 долари

Настапот на Бед Бани на Super Bowl и официјално стана едно од најгледаните полувремиња во историјата на натпреварот.
Според телевизијата NBC којашто го пренесуваше натпреварот, полувремето го гледале 182,2 милиони луѓе.
Настапот на Бед Бани беше посветен на неговата родна земја Порторико и поради ситуацијата во САД, ги подели мислењата на јавноста.
Но, покрај дебатите за тоа дали настапот бил добар или лош, деновиве доста внимание привлекува еден детаљ од сценографијата – шеќерните трски за кои јавноста подоцна дозна дека се всушност луѓе во костими.
Шеќерните трски се важна земјоделска култура во Порторико, а истовремено претставуваат и симбол за уништувањето и експлоатацијата што ја претрпела државата од колонизаторите.
И, токму затоа беа важен дел од настапот на Бед Бани.
Но, оние кои го гледаа преносот не ни помислија дека трските се луѓе во костими.
Поради интересот што го предизвикаа костимите, неколку луѓе кои ги носеле за време на настапот решија да го споделат своето искуство.
Дечко од Сан Франциско за Vogue открива дека аплицирал за позицијата на почетокот од јануари, откако видел оглас на ТикТок.
Тој вели дека на сите кои ги носеле костимите им одржале долга лекција за нивното значење.
„Бед Бани сам ги одбираше трските од кои се изработени костимите. Трските беа поврзани со целиот настап и продукцискиот тим сакаше ова да ни биде јасно.
Се чувствував навистина горд што бев дел од тимот што му даде почит на потеклото и културата на Бед Бани“.
Дечкото открива и кои биле условите што требало да ги исполнуваат за позицијата – барале луѓе на висина од 170 до 185 сантиметри кои можат да носат костим тежок 20-тина килограми.
Сепак, вели дека во апликацијата не било наведено за каков костим станува збор.
Тие дознале какви костими ќе носат дури на втората проба.
Како што открива дечкото, задачата на „трските“ била да стојат мирно и да се осигурат дека секогаш се во правилна положба во однос на камерите.
Некогаш требало и да се мрдаат за да се направи простор за танчарите.
Бидејќи трските им го ограничувале видното поле, направиле многу проби за да можат да се движат соодветно со намалена видливост.
Друг дечко открива дека биле најмени околу 500 луѓе кои ги носеле костимите.
Тој сподели фотка на Твитер на која радосно позира со костимот, а во коментари на објавата одговара на прашања од другите твитерџии.
Тој дури и се шегува за неговата „нова работна позиција“. Вели дека бил пресреќен што бил шеќерна трска за Бед Бани за ниска плата.
На прашањето дали од костумот чувствувал чешање, дечкото одговара:
„Имав трева на места каде што никогаш не треба да има трева“.
Друг дечко на шега вели дека бил „грмушка“ на настапот на Бед Бани и исто така одговара на прашањата на твитерџиите.