Се лекувал со индуцирана кома: Каде исчезна познатиот психолог, кој има болест што е наречена „најстрашно човечко искуство“?
- Детали
- сабота, 23 мај 2026
Психологот Џордан Питерсон, кој е меѓу еден од најпродаваните автори од поново време, беше познат по своите контроверзни ставови. Канаѓанецот сега се соочува со здравствени проблеми, а негови блиски се убедени дека самиот си ја влошил состојбата со експериментални третмани како индуцирана кома и исхрана која се состои од само црвено месо.

Иако контроверзен, Џордан Питерсон, кој по струка е психолог, успеа да стане меѓу најпродаваните автори во светот.
Само неговата книга „12 животни правила“ која беше хит и кај нас се продаде во повеќе од пет милиони примероци во светот.
Големиот успех му донесе и огромно богатство кое се проценува на повеќе од 100 милиони долари.
Но, неконвенционалните ставови, вклучително и оние за медицината, авторот можеби сега ги плаќа со своето здравје.
63-годишниот Канаѓанец има сериозни проблеми со здравјето и иако многу детали не се познати, во јавност не се појавил скоро цела година.
Во октомври 2025 година, ќерката на Џордан, Михаила, на Инстаграм сподели дека татко ѝ се разболел и отишол да живее со неа, а потоа бил однесен и во болница.
На почетокот од април 2026-та, Михаила откри дека татко ѝ страдал од состојба позната како акатизија – нарушување кое создава изразено чувство на немир и неспособност личноста да биде мирна и постојано мора да се движи.
Лица кои ја имале оваа состојба ја имаат опишувано како „најстрашното човечко искуство“, а во некои ситуации била и причина за самоубиство.
Ќерката на писателот, која веројатно сега се грижи за него, сподели дека симптомите почнале да му се јавуваат минатото лето.
Нарушувањето што наводно го има писателот може да биде предизвикано од лекови за проблеми со менталното здравје, како депресија, шизофренија и слично.
Во 2020 година, сопругата на Џордан беше дијагностицирана со рак, по што писателот почнал да пие лекови против анксиозност кои наводно му го предизвикале нарушувањето.
Михаила тврди и дека нејзиниот татко бил дијагностициран со автоимуно заболување откако бил изложен на токсична мувла.
Поради ова, Џордан се соочил и со пневмонија и сепса, а завршил и во болница.
Но, како татко ѝ, и Михаила некогаш е критикувана за промовирање недокажани медицински теории, па дел од јавноста не верува за она што го споделува за состојбата на татко ѝ.
Сепак, ова не значи дека Џордан нема проблеми со здравјето и за Daily Mail, негови блиски откриваат дека денес е „само сенка од личноста којашто беше“.
Но, некои веруваат дека писателот можеби и самиот си штети бидејќи повеќе се потпира на недокажани медицински третмани, наместо да им верува на експертите.
Според неговите блиски, дури и кога се чувствувал добро, Џордан ретко го напуштал неговиот раскошен дом во Аризона.
Кога бил во можност одел на долги прошетки, а соработувал и со специјалисти за ментални вежби и физикална терапија.