„Продадовме сè за да патуваме низ светот и се вративме дома за 6 месеци – реалноста е поразлична од Инстаграм“
- Детали
- четврток, 16 октомври 2025
„Седиме на убава плажа, но јас морам да се вклучам на состанок. Одиме на кафе во Мароко, но девојка ми мора да работи на проект што не може да го одложи. Работевме постојано. Во Њујорк барем можев да си заминам дома од канцеларија“.

Гледајќи ги совршените фотки и видеа на таканаречените дигитални номади, многу од нас барем еднаш помислиле да продадат сè и да се преселат во некоја далечна дестинација или да тргнат на патување околу светот.
Ваквиот начин на живот навистина изгледа примамливо и за некои функционира.
Но, инфлуенсерите што го промовираат обично не ги откриваат несовршените моменти и многуте предизвици кои доаѓаат со работењето од далечна дестинација.
Џордан Купер и неговата девојка Ема успеале да си ја реализираат оваа желба.
Бидејќи и двајцата работеле од дома, решиле да го продадат нивниот стан во Њујорк и скоро сè што поседуваат и да почнат да патуваат.
Но, се вратиле назад по само шест месеци.
„Мислевме дека пробивме некој таен код. Сите беа заглавени во монотоно секојдневие, додека ние пиевме кафе во Лисабон, работевме од Бали и го живееме сонот.
Шест месеци подоцна, се вративме назад. Не бидејќи останавме без пари или бидејќи раскинавме (тоа се случи подоцна).
Се вративме бидејќи фантазијата и реалноста беа две потполно различни нешта“, пишува Џордан за целото искуство.
Најпрво, Џордан вели дека временските зони се сериозен проблем. Исто така, за нив како да не постоело работно време, односно работеле постојано.
„Работењето од дома звучи убаво, сè додека не треба да се вклучите на состанок во 3 наутро бидејќи вашиот клиент е во Њујорк, а вие сте во Тајланд.
Никој не кажува дека ’работењето од каде било‘ често се претвора во ’работење од каде било, постојано‘. Седиме на убава плажа, а јас имам состаноци.
Ема уредува фотографии во кафетерија во Мароко и работи на проект кој не може да чека. Кога бевме во Њујор, барем можев да си заминам дома од канцеларијата“.
Друг проблем за Ема и Џордан бил минималистичкиот начин на живот – кога постојано биле во движење, не можат да си дозволат да имаат многу предмети.
„Пред да заминеме, продадовме сè. Ни остана само по еден ранец и бевме горди на себе. Но, никој нема да ви каже дека е навистина скапо и заморно постојано да купувате најосновни работи.
Ви треба кујнски нож? Ќе треба да купите, да го користите еден месец, но потоа да го подарите. Ви треба нова перница бидејќи таа во хостелот е ужасна? Истиот циклус“.
Иако патувањето им овозможило да запознаат многу луѓе, Џордан вели дека со овој начин на живот е невозможно да се создадат значајни пријателства.
