„И јас бев дрогирана и силувана од сопругот како Жизел Пелико – чекав 2 години да го уапсат, дури и со негово признание“
„Се чувствував како да има некакво прикривање на целиот случај, дека јас не сум жртва. Дека овој маж има проблеми со менталното здравје и јас треба да го поддржувам.
Не би го оставила ако има дијабетес или рак, па зошто би го оставила за ова.
Одевме дури и на брачен советник и се сеќавам дека пробував да ја разберам целата ситуација, но ми рекоа да му дадам време и простор“, вели Зои.
Зои
Зои открива дека сопругот ја дрогирал со лековите за спиење што му биле препишани на нивниот син, а ова се случувало во период од пет години, сè до 2018-та кога бил уапсен.
„Денот кога ми кажа што ми правел бевме во црква. Додека ја слушавме службата ми рече дека треба да разговараме. Потоа имавме вообичаено неделно попладне, не ни помислив на разговорот.
Ги испративме децата на спиење, седнавме во дневната и тој ми кажа дека навечер во чајот ми ставал од лековите за спиење на син ни.
Ми рече дека ме врзувал и потоа ме фотографирал и снимал додека имал секс со мене“.
Жени во знак на поддршка за време на судењето на Жизел
Зои вели дека во тој миг не ни сфатила дека е жртва на силување.
„Редовно одеше во црква, беше познат како прекрасна личност која се грижи за сопругата и децата. Извесен период мислев дека не е возможно мојот сопруг да прави нешто толку ужасно“.
Дури кога Зои решила да сподели со нејзината мајка, таа го пријавила маж ѝ во полицијата и бил уапсен. Казната му била изречена во 2022 година.
Аманда, од друга страна, открива дека имал препишано седативи од кои спиела многу цврсто навечер.
Вели дека не знае колкупати била силувана од поранешниот партнер, но сфатила што се случува бидејќи една вечер се разбудила.
„Се сеќавам дека нешто ме удри толку силно што се разбудив. Бев легната на стомак и не можев да се движам поради лековите. Тој беше врз мене.
Душата ми се распарчи на милион парчиња. Не знаев дали сум жива, мртва или умирам“.
Аманда
Аманда пријавила во полиција, но биле потребни две години и три месеци за силувачот да биде приведен поради немарноста на полицајците.
„Искуството со полицајците беше исто лошо колку и силувањето. Очекував дека ќе биде приведен за шест месеци.
Ги имаа моите медицински досиеја, сите информации, дури и признание од него во кое вели ’Жал ми е, веќе нема да го правам тоа‘. Се чувствував како да им пречам на полицајците“.
Аманда и силувачот, пред да стане свесна што се случува
Силувачот на Аманда извршил самоубиство пред една година. Шест недели претходно направил спогодба во судница, иако негирал дека ја силувал.
Аманда добила официјално извинување од локалната полиција, но ова не ѝ значи ништо бидејќи веќе се бори со суицидни мисли и пострауматично стресно нарушување.
Силувачот на Аманда
Уште пострашно е што таа верува дека некои од видеата што ги снимал силувачот сигурно завршиле на интернет. Зои, пак, не е сигурна дали нејзиниот поранешен сопруг објавувал нешто на интернет.
Двете храбри жени сакаат да ја зголемат свесноста за веб-сајтовите каде што мажи објавуваат видеа и фотографии од нивните сопруги на кои ги силуваат додека се издрогирани.
Вознемирувачки е што на ваквите сајтови си нудат и „совети“ за како да ги издрогираат нивните партнерки.
Жените сакаат не само корисниците, туку и луѓето кои стојат зад овие страници да бидат казнети и да одговараат.
„И јас и Зои имаме добиено стотици пораки од жени од целиот свет. Многу од нив нè прашуваат за знаци и симптоми.
Овие злодела се пријавувани во полицијата, но зошто никој не зборуваше ништо за нив сè до случајот со Жизел Пелико?
Има многу повеќе случаи за кои допрва ќе се дознае“, вели Аманда.
Спирова С. | Црнобело