Над 200.000 луѓе ги напуштија домовите, огнени облаци со молњи: Страшни глетки од пожарите во Франција (фото+видео)
- Детали
- вторник, 28 јули 2026
Стотици илјади луѓе беа присилени да ги напуштат своите домови во Франција поради пожарите и ова е веројатно најголемата евакуација во Европа по Втората светска војна. Некои пожари се очекува да горат со месеци, а дури потоа надлежните ќе се справуваат со огромната штета.

Поради екстремно високите температури, придружени со суша, Франција се соочува со историски пожари.
Стотици илјади луѓе беа присилени да ги напуштат нивните домови, а како што пренесуваат некои медиуми, ова е веројатно најголемата евакуација во Европа по Втората светска војна.
Моментално во Франција се води битка со неколку пожари, од кои два се сметаат за најопасни – првиот започнал на 22-ри јули во село на близина на Бордо и веќе неколку денови му се приближува на градот.
Вториот пожар започнал на појужниот дел од Франција и иако надлежните велат дека врз него имаат малку поголема контрола, сепак не можат да го изгаснат.
Поради пожарите, кои зафаќаат површина четирипати поголема од Париз, над 200.000 луѓе биле принудени да ги напуштат своите домови.
Според последните информации, пожарите веќе зафатиле и населени места, при што целосно се уништени над 240 куќи.
Daily Mail пренесува дека голем дел од оштетените куќи им припаѓале на богаташи.
Пожарите во Франција се уште пострашни бидејќи почнале да создаваат „огнени облаци“ во кои има услови и за молњи.
Поради жештината што е предизвикана од пожарите, воздухот над огнот се издигнува брзо, со што носи чад, пепел и водна пареа високо во атмосферата.
Како што овој воздух се издигнува, почнува да се лади, а водната пареа се кондензира и се создаваат облаци.
Ако огнот е доволно моќен и атмосферата нестабилна, овој новоформиран облак почнува да наликува на облаците кои се одговорни за создавање молњи.
Овде се и силните ветришта предизвикани од огнените облаци, со што пожарот станува непредвидлив и многу потежок за гаснење.
Молњите, пак, можат да започнат и нови пожари.
Како што пренесува BBC, француските пожарникари велат дека овој феномен е одговорен за пожарите во близина на Бордо и истакнуваат дека ова е нешто што досега не било забележано во Франција.
Уште полошо во целата ситуација е што Франција неделава можно е да се соочи со уште еден топлотен бран, со температури до 40 степени Целзиусови, што дополнително ќе го отежни гаснењето, но и ќе го зголеми ризикот од нови пожари.
За дел од пожарите надлежните велат дека најверојатно ќе горат со недели, како и дека ќе бидат потребни месеци за целосно да бидат изгаснати.
Дури потоа ќе следи справувањето со огромната штета.
Инаку, годинава целата Европа се сочува со топлотни бранови и температури кои рушат рекорди, додека врнежите од дожд се минимални.
Ова создава поволни услови за пожари, па покрај Франција, ситуацијата станува алармантна и во Шпанија и Англија.