Мрачната страна на виралниот ChatGPT тренд: „Не знаете каде се складираат вашите податоци и фотки или кој има пристап до нив“
„За помалку од еден час, вештачката интелигенција може да собере доволно податоци за уверливо да имитира некој. Па, корисниците се изложени на ризик од крадење и злоупотреба на нивниот идентитет, измами или уништување на репутацијата“, вели експерт за сајбер безбедност за трендот кој е хит и во Македонија.

Онлајн трендовите се прославуваат преку ноќ и многу луѓе земаат учество без многу размислување.
Последен ваков тренд е илустрација направена со помош на ChatGPT.
За да ја добијат илустрацијата, корисниците даваат команда четботот да направи карикатура од нив и нивната професија, според сето она што го знае за нив.
„Create a caricature of me and my job based on everything you know about me“ – гласи командата на англиски.
Притоа, треба да прикачат и нивна фотографија според која ќе биде направена илустрацијата.
Бидејќи луѓето го користат ChatGPT како асистент во текот на денот, неретко за работа, четботот „знае“ дали некој е доктор, адвокат, новинар или што било. Знае и за интересите, па и личните проблеми.
Оние кои немаат акаунт на ChatGPT, пак, споделуваат неколку информации за себе за да добијат соодветна илустрација.
Но, проблемот со ваквите трендови е што го нормализираат споделувањето лични податоци, вклучително и фотографии, кои искрено не знаеме каде и колку долго се складирани, ниту кој има пристап до нив.
Бидејќи трендот стана вирален, неколку експерти за сајбербезбедност прозбореа за потенцијалната опасност што ја претставува ова.
„За помалку од еден час, вештачката интелигенција може да собере доволно податоци за убедливо да имитира некој.
Па, корисниците се изложени на ризик од крадење и злоупотреба на нивниот идентитет, измами или уништување на репутацијата.
И, често луѓето не знаат каде се складираат овие податоци, колку долго се чуваат или кој има пристап до нив“, вели д-р Џанет Бастиман, инженер во Napier AI, за The Sun.
Инженерот додава дека овие податоци можат да бидат злоупотребени на безброј начини.
Фотографиите може да се искористат за да се направи „дипфејк“ видео кое делува премногу реалистично. А, ова видео може да биде и со компромитирачка содржина, како порнографија.
Податоците може да се искористат и за кетфишинг – вид измама кога некој злоупотребува туѓ идентитет за изнудување пари, па и само бизарен на начин на забава.
Погледнете и: Жена со месеци ѝ праќала вулгарни пораки на ќерка си од скриен број: Приказната зад хит документарецот на Нетфликс
Мет Колноно, извршен директор на компанијата за сајбер безбедност Cytidel, вели дека вакви трендови имало и порано, но сега собирањето податоци е со многу поголем размер.
„Новиот ChatGPT тренд премногу ме потсетува на почетните денови на Фејсбук, кога луѓето со задоволство споделуваа ’15 интересни факти за нив‘ не знаејќи дека всушност ги даваат одговорите за најчестите безбедносни прашања“, вели тој.
Под безбедносни прашања (security questions) се подразбираат прашања кои треба да понудат дополнителна заштита на нечиј онлајн акаунт.
Ова се прашања како „Како се вика твојот прв миленик?“ или „Во кој град порасна?“.
