НАСА ги објави 3-те приватни компании кои ќе изведуваат експерименти на Месечината

За време на прес-конференцијата на НАСА беа претставени првите 3 од 9 компании кои ќе работат на Месечината следниве неколку години.

nasa-gi-objavi-3-te-privatni-kompanii-koi-kje-izveduvaat-eksperimenti-na-mesechinata-01.jpg

Компаниите се Astrobiotic од Питсбург, Intuitive Machines од Хјустон и Orbit Beyond лоцирана во Њу Џерси и во Флорида. Договорите на трите компании вкупно изнесуваат околу 250 милиони долари.

Приземјувачите на компаниите се мали, отприлика високи колку човек и можат да изведуваат мали научни експерименти. Тие се дел од првите чекори на програмата на НАСА за враќање на Месечината позната како „Артемида“.

Наука на Месечината

Секоја од избраните компании ќе направи приземјувач кој ќе може да носи товар неколку пати. Овој товар го сочинуваат разни научни и технолошки експерименти дизајнирани од НАСА и од нејзините комерцијални партнери.

Повеќето експерименти ќе се фокусираат на нешта како водата, која може да се користи како гориво или за одржување на животот за време на мисии со екипаж. Претходните мисии ја проучуваа замрзнатата вода на нашиот сателит, но научниците мораат да научат уште многу за да можат да ја користат во иднина.

НАСА се надева дека ќе направи и основно астрономско истражување со овие експерименти за да научи повеќе за историјата на сончевиот систем.

Исто така ќе се тестираат и демонстрираат технологии кои би помогнале во идните лунарни мисии. Овде спаѓаат систем за комуникација со ласери, тестови за производство на месечевата површина и разни дизајни за добивање енергија на Месечината.

Лунарен товар

Две од компаниите планираат да го извршат лансирањето со ракетата Falcon 9 на SpaceX. Третата компанија, Astrobiotic, допрва треба да одлучи со што ќе го направи лансирањето. Сите три компании имаат датуми за лансирање, како и места за слетување.

Компанијата Astrobiotic има планирано полетување во јуни, 2021-ва година. Intuitive Machines планира да го изведе лансирањето во јули истата година, додека од Orbit Beyond планираат да стигнат први на Месечината, со лансирање закажано за септември, 2020-та година.

Ниту едно од местата за слетување на компаниите не е во близина на потенцијалната локација на НАСА за поставување екипаж. Сепак, од агенцијата истакнале дека истражуваат повеќе локации за да направат разновидни експерименти.

Од компаниите ги нагласиле и опасностите од нискобуџетните мисии до Месечината. Јасно им е дека спуштањето и приземјувањето се навистина проблематични и дека се можеби најопасниот дел од мисијата.

Но, сите истакнале дека постојано тестираат и бараат потенцијални опасности и дека нивните системи се доволно напредни за да се избегнат најчестите проблеми.

Спирова С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Како да ги отстраните малите гребаници на екранот на телефонот? Пастата за заби може да ви помогне да ги скриете малите гребаници на екранот, но...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg