Цветанка рачно црта уметнички дела на велигденски јајца: „Сè започна кога ја изгубив мајка ми – така ги изразив емоциите“
Во април 2016 ја загубив мојата мајка. Следуваа тешки денови. Додека сите се подготвуваа за Велигден, јас тонев. Во еден момент, како да го слушнав нејзиниот глас, да ја задржам креативноста. Така настанаа првите рачно нацртани јајца. Во следните години, секое јајце имаше своја приказна“ - вели за CRNOBELO.com Цветанка Белички од Штип.

Цветанка Белички е родена во Штип, но од студентските денови до денес живее во Скопје.
По професија е текстилен инженер, а се занимава со рачна изработка на уникатни производи под нејзиниот бренд simple Du, кој постои веќе пет години.
Но, таа е впечатлива и по тоа што својата уметност и емоции ги изразува и на велигденските јајца, што ѝ станало традиција од 2016-та година па наваму.

Таа се труди велигденската трпеза секогаш да ѝ е совршена, а ја надополнуваат велигденски јајца на кои рачно се нацртани нејзините ремек-дела со различни теми.
За CRNOBELO.com Цветанка раскажува:
„Цртам уште од многу мала возраст, а идејата за цртање велигденски јајца дојде сосема спонтано.
Сепак, можам да кажам дека тоа беше и еден вид утеха во период кога најмногу ми беше потребна.

Сè започна во 2016 година, најтешката година во мојот живот. Во месец април ја изгубив најголемата поддршка – мојата мајка.
Следуваа тешки денови во кои функционирав како робот – дома, работа и сè во круг. Додека луѓето околу мене се подготвуваа за Велигден, јас чувствував дека тонaм.

Во еден момент, како да го слушнав нејзиниот глас – да продолжам, да направам нешто, да ја задржам креативноста.
Таа секогаш знаеше од ништо да направи нешто, и токму тоа ме поттикна.
Така настанаа првите рачно нацртани јајца – како начин да ги изразам сите емоции: среќа, љубов, насмевка, но и тага.

Во следните години, секое јајце имаше своја приказна. Цртав и ликови од Дизни, и секој лик го поврзував со личноста на која му го подарував јајцето – што носеше многу насмевки за возврат.

Во периодот на пандемијата, кога медицинските лица беа во првите редови, целиот Велигден го посветив на нив – како знак на благодарност за нивната хуманост.

Потоа дојде период на нов почеток, па и моите јајца ја следеа таа приказна – со мотиви на расцветување, нов живот и надеж.
Една година инспирацијата беше и „медена земја“, како симболика за нашата држава.

Минатата година беа можеби и најемотивните јајца што сум ги направила – со мотиви од последните денови на Исус.
Најтешко ми беше додека го цртав моментот кога неговото тело е во рацете на неговата мајка.
Тоа јајце носи посебна емоција за мене, и додека го цртав, а и денес кога ќе се сетам на него, чувствувам исто.

