Ретро телефонот кој сите го имаме дома, а се наоѓа и во Музејот на модерна уметност во Њујорк

Доколку некогаш се најдете во Њујорк, задолжително посетете го Музејот на модерна уметност (MoMA). Таму на еден од постаментите ќе го видите вашиот домашен (фиксен) телефон. 

Retro-telefonot-koi-site-go-imame-doma-01.jpg

Не очекувајте дека ќе видите милје под него, но сепак станува збор за истиот телефон од нашето детство.

Оној телефон од којшто како деца се јавувавме кај Супермен или Бетмен доколку беше црвен. Оној ист телефон којшто беше контролен панел за вселенски брод или футуристички автомобил.

Се работи за моделот на телефон Искра „ЕТА 80“ или „ЕТА 85“, во зависност од тоа дали е со ротирачки систем на бирање или со отчукување на бројките.

Овој телефон е дело на словенечкиот архитект и дизајнер Даворин Савник.

Retro-telefonot-koi-site-go-imame-doma-02.jpg

Покрај тоа што во своето време телефонот успеа да влезе во сите домови во Југославија, благодарение на слабата заштита на патентот успеа да се рашири и низ целиот свет во преку 300 милиони примероци, а со тоа си заслужи и место во постојаната поставка на најпознатиот музеј на модерна уметност во светот – MoMa во Њујорк.

Исто така, телефонот може да се најде и во редовната поставка на Музејот на модерна уметност во Минхен.

Оригиналниот телефон којшто го дизајнирал Даворин Савник е произведен во фабриката на Искра во Крањ во околу 5 милиони примероци.

Сепак, кога нешто е успешно светот наоѓа начин да го рашири насекаде, па така се појавуваат плагијати на телефонот низ целиот свет, а во службената зграда на фабриката Искра во 1986 година биле изложени 12 примероци од овие копии.

Retro-telefonot-koi-site-go-imame-doma-03.jpg

Даворин Савник е роден и живеел во Крањ во Словенија од 1924 до 2014 година. Студирал на факултетот за градежништво во Љубљана, но и на музичката академија во Љубљана. Завршил висока школа за индустриско обликување во Чешка, а се доусовршувал во Велика Британија, Италија и САД.

Добитник е на многу награди, како што се: Прешерновата награда, највисокото признание на јапонското министерство за трговија, медал на велесаемот во Брно и награда за најдобар дизајн на саемот во Хановер.

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

13 најглупави знаци од државите низ светот - има ли вакви во Македонија? „Дупка без дно. Длабока 19 метри“. Правило во ресторан: „Без тепање на гостите“....
Вистинска уметност: Мајка од САД прави хумористични декорации со храна Кога има креативна мајка, тогаш има и насмеани дечиња, подготвени за оброк. Супе...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg