Од утре ќе седам да учам!


Од утре ќе седам да учам!

od-utre-ke-sednam-da-ucam-povekjeНа сите им е добро позната онаа студентска изрека: УТРЕ ЌЕ ПОЧНАМ ДА УЧАМ. И еве баш, седам, размислувам, се преиспитувам себе, кој ѓавол...


...ме тераше тоа да го изговорам баш вчера.

До душа, го изговорив тоа и завчера, ама вчера (денот кој завчера беше утре) од раните утрински часови некои мајстори “мајсторишаа“ по зградата во која живеам, а тоа носи многу галама која негативно влијае на концентрацијата за учење. Јасно е дека во тие услови не би можел да го сфатам материјалот онака како што би сакал. Бушењето, лупањето и зуењето заврши во 15 часот, ама тогаш веќе не ми беше до наука бидејќи станав нервозен што ми се упропастија плановите. А баш бев решен да учам цело тоа претпладне. Барем до 15 часот. Остатокот од денот веќе ми беше испланиран за нешто друго. А , плановите не смеат да се уништуваат. Ми остана само повторно да констатирам: нема врска, не е крај на светот ако изгубам еден ден, ама утре... Утре почнувам да учам.

И така минута по минута, саат по саат, многу побрзо отколку што се надевав, дојде ова ДЕНЕС кое вчера звучеше многу подобро додека се викаше УТРЕ. А изгледаше така далеку. Сега нема назад, реков дека ќе почнам да учам, Богами, така и ќе биде. Само да заврши репризата од квизов на ТВ. Го гледав и вчера ама во еден момент отидов до кујната да пијам вода па пропуштив две прашања. А, баш ме интересираше кој е одговорот. После пола саат квизот заврши. Научив што е алхамбра и по што валутата на Гватемала “кецал“ го добила своето име. Никако не може да се каже дека сум изгубил време.

Конечно куцна часот да се свртам према учењето. Пред се, морам да соберам се што ми е потребно. Ја најдов книгата на полица, ја дувнав прашината од неа, листав и забележав дека би можела да биде многу по конкретна. Ако нешто најмногу го нервира еден студент, тоа е вишокот непотребни информации, а колку ги има во оваа книга непотребни, веднаш се гледа, не мора ни да се отвора. Потребно ми е пенкало за подвлекување. Претурам по садот со пенкала ама таму повеќето се неисправни или пишуваат со сино. Малер.  А, мене баш ми треба црвено пенкало.  За што подобро да се нагласат битните работи во книгата.

Ете, сега морам да одам до продавница да купам пенкало. Не ме мрзи. Се за наука. Се симнувам во продавницата со мешовита роба само некои 100тина метри од мојата зграда. Најдов црвено пенкало. Ама баксуз, немаат линијари, а баш мислев да купам и линијар за да подвлекувам педантно и прецизно. Да, кога веќе учам, учам како што треба. Госпоѓата на касата љубезно ми кажа дека книжарата во центарот на градот држи многу врсти на линијари и дека таа таму го купила школскиот прибор за своето “синче“ и дека тој е многу задоволен и сите му се 5ки по геометрија. Па, мислам дека за таков линијар вреди да се потроши уште пола саат. Отидов до центарот на градот, до препорачаната книжарница, и купувам комплет пакување со шестар, агломер, триаголник и линијар. Малку скапо ме чинеше, ама не жалам. Со таков прибор учењето ќе тече како мед и млеко. Замислувам дека со таков прибор би можел да се запишам и на некој потежок факултет.

Време е да тргнам дома и кон книгата, ама кога сум веќе во центар, можам да прошетам низ бутиците, да видам дали има некои патики за мене. Време е да купам нови. Има време за учење, пред мене е цел ден. Белки можам себеси да си дозволам пола саат, саат. Пробувам десет патики во пет различни бутици ама не купувам ниедни зошто не ни имам доволно пари. На пат кон дома, свратувам и до слаткарницата, и се частам себеси со еден колач. Срамота, десет години поминувам таму секој ден, а ниеднаш не ми текнало да се почастам.

На патот кон стекнување на знаење, се појави уште ДВД клубот и секако свратив да изнајмам некој добар филм. Чисто да имам со што да се опуштам после напорното учење. Земав еден од филмовите “Пајтон“. Тие секогаш ме забавуваат и ми го враќаат расположението, а тоа после она книгиште ќе ми биде многу потребно.
Конечно се враќам во станот и седнувам на маса. Пред мене е книга, пенкало кое пишува со црвено и прибор за геометриско цртање. Од тој прибор ми треба само линијар, ама ајде, нека се најде. Ми текнува дека сигурно после некое време ќе ожеднам, па станувам и сипувам вода во флаша и ја ставам пред себе. Ете така, за подоцна да не си го прекинувам учењето. Исто важи и за сендвич. Конечно ја отворам книгата. Застанувам кај воведот. На маргините го испробувам пенкалото. Баш убаво пишува. Прво повлекувам една линија. Па го пишувам своето име. Полека, внимателно, буква по буква... Цртам човече, онака едноставно, а потоа и друго малку покомплексно, со детали и сенчење. Ја оддалечувам малку книгата да видам како изгледа од далеку. Стварно убаво. Баш убаво. Но, конечно да се свртам на она за што седам на таа столица, додека веќе паѓа мрак. А мене учење навечер баш и не ми е омилено.

Го читам првиот пасус. Аух, колку е досаден материјалов. Ја листам цела книга и “од око“ по целините пробувам да проценам колку време ќе ми треба да научам. Заклучувам дека кога ќе го исфрлам ова, ова, ова и секако ова...Пих, па можам тоа да го научам за пола саат. Ми паѓа на памет “Пајтон“. Можеби е подобра идеја ако го променам редоследот. Прво да гледам филм, да се разонодам, па после така опуштен и задоволен на тенане да седнам да учам. Сјајна идеја, така ќе направам.

Филмот завршува за саат и пол. Гледам на саат. Ау, веќе е 21 часот. Никогаш во живот не сум учел после 21. Гледам во календарот. Го наоѓам денешниот датум и датумот на испитот. Ги бројам деновите. Цели пет. Еј, па тука има уште ЦЕЛИ 5 дена а јас се секирам. Значи без проблем ќе стигнам ако секој ден учам по толку и толку часа и поминам толку и толку страници.. Хм.. Секако, сето тоа под услов ОД УТРЕ да почнам да учам.

Текстот ни го испрати нашата читателка Марта, инаку оригинално напишан од Срѓан Динчиќ.

Би можело да ве интересира:

Една лекција без која животот ќе ви биде многу потежок Додека бев во основно училиште, сериозно се скарав со еден од соучениците. Забор...
Секогаш си слободна да се завртиш и да заминеш Слободна си да си одиш од било која приказна во која ќе се најдеш. Слободна си д...
Босанците ги трошат парите за еден ден, на „Швабите“ сè мора да им е под конец: Хрватка ги опишува т... Дада Батиниќ од Макарска, на Фејсбук ги сподели искуствата што локалните жители ...

Спонзорирани линкови: