Објава на Македонка за 8 Март: „Многу цвеќиња, резервирани маси во кафеани, но кој ја гледа твојата тежина жено?“
„Цвеќето ќе овене. Карминот ќе се избрише. Попустите ќе поминат. Но, кој ќе ја слушне тишината во која понекогаш живееш? Кој ќе ги избрише солзите што никој не ги видел?“, гласи емотивната објава на Маја Дукова, која на крај носи моќна поука.

Маја Дукова е позната по својата страст кон природата, планинарењето и здравиот живот, но и по љубовта кон пишаниот збор, а се огласи и по повод Mеѓународниот ден на жената
8 март е празник посветен на правата, еднаквоста и придонесот на жените во општеството.
Се слави борбата на жените за рамноправност, права и подобри услови за работа.

Маја по овој повод им посвети објава на жените во Македонија:
„За жената денес има многу...
Многу цвеќиња по излози. Многу резервирани маси во кафани. Многу чаши што ќе се кренат „во чест на жената".
Кармини, честитки, подароци, насмевки за фотографии.
За неа сè се нуди.

Но, дали навистина неа ја гледаме?
Тебе ти зборувам.
Тебе што секој ден носиш повеќе отколку што се гледа.
Тебе што се будиш прва и заспиваш последна.
Тебе што молчиш кога ти е најтешко, што простуваш кога не би требало, што се бориш дури и кога си уморна од борба.
За тебе има цвеќе.
Но, кој ќе ја види тежината што ја носиш?

За тебе има наздравување.
Но кој ќе ја слушне тишината во која понекогаш живееш?
За тебе има кармин.
Но кој ќе ги избрише солзите што никој не ги видел?
Цвеќето ќе овене.
Карминот ќе се избрише.
Попустите ќе поминат.

Но почитта, поддршката и гласот за правдата - тие остануваат.
И токму тоа е вистинската смисла на 8 Март.
Затоа што ти, жено, не си создадена за еден ден во годината.
Ти си создадена да бидеш почитувана секој ден“.


С. С. | Црнобело