„Сонце се гледаме“ - Последните зборови што ми ги кажа Тоше неколку дена пред несреќата и денес ми одѕвонуваат
„На прес-конференција Тоше требаше да го најави концертот на 5 октомври. Доцнеше, но толку многу, што решив да си одам. Се сретнавме во холот на хотелот - јас излегував, тој влегуваше. Се гушнавме, му кажав дека брзам. Во тој момент не можев ни да помислам дека тоа ни е последниот разговор - онаков лабав, пријателски, на поминување...“.

Ќе си речете поминале 18 години... Полнолетство... за некого цел еден живот... Но, спомените кои ги носам од времето кога соработував со Тоше и понатаму се јасни слики во мојата глава, како да биле вчера, а не пред две децении.
Патувања, интервјуа на необични локации, концерти, „глупости“ поради кои неговата менаџерка Љиљана Петровиќ често „нè караше“... во оние 7-8 години колку што траеше моето дружење и соработката со Тоше, имало ситуации на кои и денес се сеќавам со голема радост.
Знам да кажам дека сите мои сеќавања поврзани со Тоше се среќни. Освен кога ќе дојде 16-ти октомври. Тогаш, некако, солзите сами ми доаѓаат.
И најчесто на тој ден ми текнува на последните зборови што ми ги кажа Тоше, некои десетина дена пред смртта.
„Сонце се гледаме“ - и денес ми одѕвонува неговиот глас во главата.
На почетокот на октомври 2007 имаше прес-конференција во хотел „Континентал“ на која требаше да го најави концертот. И доцнеше.
Но, овој пат, толку многу, што не можев да чекам и решив да си одам и пред да дојде.
Се сретнавме во холот на хотелот - јас излегував, тој влегуваше.

Се гушнавме, му кажав дека брзам, зашто имав договорено друго интервју на кое морав да стигнам, па му велам „Ќе се видиме за некој ден на концерт, таму сме, знаеш“.
„Сонце се гледаме“, рече, ме баци во чело и продолжи.
Во тој момент не можев ни да помислам дека тоа е последниот разговор со него.
Онаков, лабав, пријателски, на поминување... си велиш, ехее, ќе ги има уште многу, животот е долг.
