За што е мажот, без жената до него...

Со заминувањето на баба ми и дедо ми од овој свет, чинам замина сета безусловна љубов.

za-sto-e-mazot-bez-zenata-do-nego-4.jpg

Голем процент од заслугата за степеност на разгаленост и мазење кај секој од нас, им припаѓа токму на бабите и дедовците.

Какви беа баба ми и дедо ми? Кротки, насмеани, вредни и трудољубиви, чесни луѓе полни надеж, од некое далечно минато, заборавено време кое можеме да го помирисаме само преку црно-белите фотографии во старинските албуми, со лепење слики и заштитна проѕирна фолија врз нив.

Беа особено горди кога јас дипломирав. Попусто се обидував да објаснам дека не е некоја голема работа, секој денеска може да има диплома ако сака. Баба ми не сакаше ни да слушне. Секако дека прославивме со помпа. Во секој важен момент од мојот живот, баба и дедо беа покрај мене, како верни сенки кои ме следат и ми посакуваат само убавини.

Од првата приредба во забавиште, за која поминаа 170km само за да видат како ми паѓа едното чевличе на средина на музичката точка, до последната голема прослава, мојата венчавка. Таму за среќа, не ми падна ниту едно чевличе.

Не постои добар момент за загуба на саканите. Да, свесни сте дека тие се веќе стари, болни, изнемоштени. Ве убедуваат дека тоа е животот, ве тешат дека таков е редот... Но, кога доаѓа моментот, вие се чувствувате изгубени, пресечени на половина. Липате како мало изгубено дете, како тогаш кога се изгубив во хаосот на пазарот, а баба ми изникна од никаде и силно ме зграпчи пред тоа да го стори некој друг.

Баба ми си замина прва. Дедо ми се разболе од тага. Да, од љубовна тага по неа. И за 4 месеци ѝ се придружи во вечноста.

Паметам дека ми рече: „За каде сум јас сега, за што е мажот без жената до него... Подобро јас да отидев прв. Баба ти беше посилна, ќе поживееше подолго без мене. Јас сум сега за никаде“.

Не најдов зборови да го утешам.

Ќе звучи морбидно, но ми олесна малку кога издивна дедо ми. Сакам да мислам дека повторно се пронашле заедно. Сакав целата негова тага и болка да исчезне, да ја снема, да се збрише како со гума. Последното нешто што го проговори беше името на баба ми.

Што научив од нив? Да си трпелив, истраен. Да не си алчен, да не се лакомиш, ниту пред гости, ниту за пари. Но, најмногу од сè, научив како е да се сака. Како изгледа една 60-годишна љубов. Како се гушкаа, со кое внимание баба ми му го местеше апаратчето за слушање, до каде одеше тој за да ѝ купи од омилената боза, како ја покриваше за време на попладневната дремка. Едноставни нешта, а толку вредни, што не се купуваат со пари.

Ми недостигаат секој ден...

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Ах, во мое време се собираше детска пошта, се играше ‘сакате ли војна’ и мангуп беше тој со велосипе... И јас на мои 35 години дочекав да ги повторувам моите сакани, да кажам „Во мое в...
Цртани филмови што ќе им разбудат носталгија на сите што растеле во 90-тите – Се сеќавате ли на нив? Ну, погоди зајец! – Колкумина од вас се сеќаваат на времињата кога на телевизија...
Добрата жена тешко се наоѓа, а лесно се губи - Мора да знаете како да ја сакате Кога жената ќе почувствува дека не ја почитуваат како што заслужува, таа заминув...
Имало нудистички плажи, населен е барем 7.000 години - Забавни факти за Скопје Познатиот воз „Ориент Експрес“ поминувал низ скопска територија на патот кон сво...
„Да не е толкава мрза“ и уште 12 работи што Македонците би ги смениле кај партнерите Да бидеме искрени, никој не е идеален, ни ние, ни партнерот што е покрај нас. Со...
„Патлиџан турист“ е балкански синдром - На светските плажи никој не осудува, не му е гајле што јадеш... Додека на Балканот се води интернет војна со сите полемики околу „патлиџан турис...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg