Токсични пријатели? Не, благодарам!

Народната вели „Вистинскиот пријател се познава во неволја“. По некое непишано правило за другарување, тоа е оној кому не се двоумите да му заѕвоните во 5 сабајле, доколку ви треба неговата помош, оној кој ве видел во најдобро, но и во најлошо издание, кога сте болни, мрсулави или неутешно плачливи и кенкави по последното болно раскинување...

toksicni-prijateli-ne-blagodaram-01.jpg

Но, со текот на времето луѓето се менуваат, еволуираат; нивните карактери, вклучувајќи го и вашиот, се обликуваат со помош на средината во која живееме или работиме, новото друштво со кое сме се зближиле во меѓувреме. Нашиот вкус и навиките се менуваат, и понекогаш нема место во новата рамка за стари фотографии. Не се сеќавате кога последен пат сте испиле кафе со вашата поранешна најдобра пријателка и навидум, не можете да сфатите која е причината поради тоа.

По упорно напнување од страна на вашата мајка, која евоцира спомени колку убаво сте си играле со барбиките додека бевте мали, и како ве делеше само едно спиење, решавате да седнете во знак на старите добри времиња. Сепак, колку поразлично може да биде?

Одговорот е – многу. Еве и зошто.

Од некои познати или непознати причини, пријателите може да еволуираат во емоционални вампири, специјално скроени да ја цицаат вашата енергија и да ве загушат со својата токсичност.

Порано ви беше супер забавно да се дружите со кул пријателката, таа немаше никаков проблем со ништо, опуштена и релаксирана, одеше секаде каде што ќе се кажеше и правеше онака како што ќе одлучеа сите други. За неа ставот е дека не сака да влегува во конфликти и е крајно мирољубива. Денеска сфаќате дека другарката е просто неодлучна и крајно индиферентна, флегма што ви лази на последниот нерв со нејзиниот ноншалантен пристап. Таа нема свое мислење, безлична е, и дури и на најпростото прашање како дали сака да се напиете уште по една пијачка, нејзиниот одговор е секогаш ист: Сеедно ми е.

Таа не сака да преземе иницијатива, ниту одговорност за ништо, и покрај фактот што не сте повеќе средношколки. Доколку некоја одлука се покаже како погрешна, во секој момент може да обвини кој било друг, освен себеси.

Кому му е потребна таква „пријателка“?

Фитнес фанатикот е во топ форма и се води според максимата – „Штом можам јас – можат и сите други“. Таа е неуморна и после 60 минути на орбитрекот, и упорно ве убедува дека е крајно време да се активирате со некоја физичка активност. Во нејзиниот фитнес распоред се и зумбата и пилатесот, магични шејкови кои се обидува да ви ги подметне. Вие почнувате да се сомневате да не е член во некоја секта, додека со воодушевување ви расправа за нејзините фитнес истомисленици.

Експресно умее да ги пресмета калориите кои ги изедовте за време на заедничкиот ручек, неуморно потсетувајќи ве дека ќе изгледате совршено ако симнете 5 килограми. И дека не ви требаше таа чаша кока кола со салатата. Во нејзината глава тоа звучи крајно добронамерно и пријателски. Муабетот со неа се претвора во бескраен маратон посветен на вежбање и шејкови, наместо во опуштено пријателско попладне.

Саможивната пријателка е хиперактивно суштество од кое не можете да дојдете до збор. Таа е симпатична и навидум исполнета со позитивна енергија. Вие внимателно ги слушате нејзините беседи и конечно доаѓа ред да кажете нешто. „Вчера ми се случи нешто многу чудно...“

- „Лелеееее, и мене срце. Морам да ти кажам, значи вака...“.

Разговорот продолжува во прво лице еднина. Всушност, ова е типичен монолог, не дијалог. Себичност сервирана во длабока чинија, а таа упорно ви тутка лажица во устата. А така не изгледа едно вистинско другарство.

Меланхоличната пријателка изгледа како да дошла на кафето со временска машина, таа постојано евоцира спомени по едно минато свршено и неповторливо време, повторувајќи колку најубаво ви беше во средно или кога бевте мали.

Со мака ги задржува солзите, и сѐ уште пати по нејзиниот дечко со кого раскина пред 6 години. Изгледа како секое секое време да и е поинтересно, отколку сегашниот миг во кој живеете. Нејзиниот лик порабен со тажна насмевка и меланхолијата која радиоактивно ја зрачи се закануваат да ве проголтаат до исчезнување.

Позитивно сугестивната другарка верува во Моќта на сегашниот миг и ја знае Тајната од Ронда Брн напамет. Тоа е супер доколку функционира за неа, но таа како програмиран робот ве убедува дека ќе го смените вашиот живот, само доколку му дадете шанса на купот самопомагачка литература. Вие одрекувате, не сте по тие работи. Таа ви ја подарува Психологија на успехот за роденден. Сите три делови.

Нема разбирачка. Патиштата ви се разделуваат, пријателски. Таа смета дека Универзумот се погрижил за таа одлука, вие само знаете дека никогаш не сте биле посреќни и поопуштени. И никаква самопомагачка литература, ниту натприродна сила, не ви помогна во бришење на пријателката од телефонскиот именик.

За крај, јаготката на пријателскиот колач – љубоморната пријателка. Ви текнува нели, вие гласно ќе кажете дека одредено момче е симпатично, утредента мистериозно тој станува нејзин дечко. Таа сака да има целосна контрола врз вас, каде одите, со кого сте, и во детали да знае како го поминавте вашиот последен состанок.

Се колне дека нема подобра пријателка од неа, со лажна насмевка вели дека фустанот не е лош, сте можеле да си купите и подобар, а веќе следниот ден го купува истиот.

Ве копира во однесувањето, а нејзиното токсично демнење станува ваше секојдневие.

Дефинитивно крајно време е да си побарате нова пријателка.

Ефикасно отстранете ги овие и сличните токсични пријатели од вашиот живот, бидејќи не сте ничиј роб, ниту играчка, ниту черга за бришење нозе. Но, во меѓувреме добро размислете, дали (не)случајно вие сте една од нив...

(О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Стојам пред полицата со ајвар во маркетот и се сеќавам на времето кога со баба ми правевме зимница“ Се сеќавам на времето кога со баба ми правевме зимница. Есен, веќе почнуваше да ...
Дали и колку сме граѓани на метропола за да си даваме право да ги коментираме и навредуваме „провинц... Посебно е актуелно за секоја пропуштена можност за вработување, да ги обвиниме „...
Продавачка во маркет во Битола со насолзени очи ме замисли: „Дали ги почитуваме правата на работници... Симпатична продавачка во години, прилично растревожена и нервозна, со солзи во о...
Половина од сијаличките на елката не работеа, лампионите беа во разни бои - Како украсувавме во '90-... Елките беа шарени, украсени со стаклени лампиони во сите бои. По елката стававме...
Носталгија за едно минато време – се грижевте ли вие за ваков Тревко? Некои го викаа Тревко, а оваа декоративна пченица беше совршен начин за децата о...
Не ги осудувај оние луѓе кои го пребројуваат кусурот на каса, ниту оние кои посетуваат психолог Борбата со емоциите е ролеркостер кој е еден од најдолгите и најтешки за справув...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg