Генерацијo израсната со трошки и вошки, крени глас да те слушнат!

Дел сум од една загубена генерација која од првиот момент на стапнување во забавиште црташе знаме со петокрака, за некоја година подоцна да треба да научи да го црта знамето со 16 „морковчиња“, а по некое време да се заборави и тоа и да се совлада цртањето на знамето „вентилатор“.

Generacijo-izrasnata-na-troski-i-voski-01.jpg

Ниту ни беше јасно што се случува, ниту пак некој седна да ни објасни. Имавме скромно, но весело детство кое како да се обидувало да ни ја надомести сета беда која произлезе од транзицијата и приватизацијата во Македонија.

Голем дел од родителите на моите другарчиња ѝ припаднаа на групата стечајни работници. Тој збор звучеше злокобно, како некоја чума – стечајци.

Означуваше беда и сиромаштија, борба за опстанок и обид да се зачуваат последните здрави нерви. Мојата пријателка имаше обичај да каже – ние, децата на стечајците, сме генерација израсната на трошки и вошки.

И тие кутри луѓе, чесни и вредни работници од големи компании и фабрики кои пропаднале и се урнисале, не по нивна вина, туку по вина на раководниот кадар и лошите политики на државата - што со нив? Уште многу до старосната граница за остварувањето на пензија, а дел од нив со недоволно работен стаж.

Здравствени проблеми, болести, стрес, празен фрижидер, неплатени сметки. Неможност да се отиде на никаков летен одмор повеќе од 20 години, да се купи нешто поголемо и ново – за домот или за децата.

Уметност од формата наречена живот, како да скрпиш крај со крај со минимални финансии, како во зрелите години да чекаш помош од твоите стари родители со мизерни пензии со цел да ги школуваш децата и да ги изведеш на „правиот пат“.

Кој е правиот пат? Веќе го виделе оној „кривиот“, сета беда во која израснале, сите проблеми кои се премолчувале и се голтале заедно со 2 таблети за смирување пред спиење.

Сите наталожени нервози и непроспиени ноќи, сите оперирани од тумори и срцеви напади, генерации и генерации уништени семејства.

Кога ќе доживее семејството таква траума, се повлекуваш во себеси и чувствуваш како полека го губиш гласот. Несигурен си, се преиспитуваш постојано, дали си доволно вреден, дали си способен? Зарем ти не си онаа генерација израсната на трошки и вошки? Вредиш ли?

Вредиш и тоа повеќе отколку што можеш да замислиш. Вредиш и не треба да дозволиш да те буткаат во ќоше и неправедно да те замолчат, онака како што тоа им го сторија на твоите родители.

Тој страв, таа несигурност која ни се вгнезди некаде длабоко во потсвеста, денес ни става кочница. Секогаш се премислуваме, неодлучни сме, недоволно храбри, со глас кој трепери. Никогаш не се решаваме први да земеме збор, да се побуниме против неправдите, да заземе став за сопственото добро.

Веќе ги „изедовме“ сите можни трауми и сиот маргарин и сув леб којшто остана на светов… зарем не заслужуваме сите подобро?

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

„Не истурај го гневот врз родителите, не труди се да им се допаднеш на сите“ – Што би ѝ порачала на ... Немој по секоја цена да се менуваш за да им се допаднеш на другите. Ќе сфат...
Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Преку глава ми е Жена, мајка, кралица.... како да не бе! Стани прва, собери ако некој нешто остав...
16 години непребол од смртта на Тоше Проески: „Денес повеќе би сакал да ти дојдам на концерт, намест... „И 16 години по смртта, Тоше е непребол. Ме лазат морници кога шетам низ Крушево...
Вие наши сакани, што го победивте ракот и се смеете повторно од срце, вие сте нашите херои од реално... Зарем треба да ја сожалуваме жената со марама на главата? Не, ние треба да бидем...
Мали мудрости на кои може да нè научат само нашите мајки Мајка ми велеше: „Ако веќе разговараш со оние што не те сакаат, тогаш тоа нека б...
„Син ми носи само скапи патики, а не од пазар“ – останав без зборови по одговорот на сосетка во мал ... Додека го пиев кафето, го гледам детето како пресреќно си оди дома, скока од рад...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg