Во Македонија сите станавме експерти за сè – затоа не нè бива!

Треба да научиме нешто ново? Па, неее... Зошто ни е таков луксуз во животот? Треба да чуеме туѓо мислење и понекогаш, самоооо понекогаш, да признаеме дека грешиме. Неее, ние сме експерти!

vo-makedonija-site-stanavme-eksperti-za-se-zatoa-ne-ne-biva-001.jpg

Пуштам вести и ете ти експерт за ова, експерт за она и сè што можам да чујам се само празни муабети, непоткрепени со факти. Ете така е во Македонија секој има право на мислење на секоја тема, па дури и истото да го пропагира јавно, без разлика што има 0 познавања од темата што ја коментира.

Баш пред некој ден еден лик со кој завршив средно образование и се издвојуваше по некапацитетот, ако може така да кажам, станал експерт и тоа за прашања од животно значење на сите нас. И ете го самоуверено настапува, треска глупости, но телевизиите го пренесуваат неговиот став, а весниците го цитираат со експерт пред неговото име и презиме.

Малку не сме меродавни сите за сè, малку не е реално да сме најинформирани и најпаметни за секоја можна тема, малку станавме арогантни иако последна прочитана книга ни е Зоки Поки.

Малку претеравме со јавните осуди, со дрските ставови, со терање на своето по секоја цена. Во дебати не слушаме, нафрламе само некои сувопарни факти и со носот во облаци и илузијата дека сме главни и најпаметни тераме напред.

Другите не знаат што зборуваат, а ние одиме гордо напред со „Јас, јас, јас“.

Треба да научиме нешто ново? Па, неее... Зошто ни е таков луксуз во животот?

vo-makedonija-site-stanavme-eksperti-za-se-zatoa-ne-ne-biva-01.jpg

Треба да чуеме туѓо мислење и понекогаш, самоооо понекогаш, да размислиме дека ете можеби не сме безгрешни, дека ете ставот не ни држи вода и дека не е крај на светот ако тоа го признаеме јавно и го промениме истиот.

Не може да сте експерт за политика, економија, литература, спорт, естрада, едноставно не може. Не може само вашето мислење да е релевантно. Не може сите други секогаш и секаде и за секоја тема да грешат, нели?

Малку симнете ја главата од облаци. Се учи и преку искуствата на другите и преку пренесените знаења од другите и преку конструктивна дебата.

Доста со тоа дека вашиот збор е последен и никој и ништо не може да ве убеди во спротивното. Така нема да напредувате.

Така ќе останете заглавени на нивото на кое сте со единствена заблуда дека сте најдобри и најпаметни, додека другите алергија ги фаќа од вашите непроменливи ставови.

Станавме држава полна експерти каде секој знае сè, секој си го пика носот секаде и не си ја гледа својата работа. Сите нешто се наметнуваме, сите нешто толкуваме и на крај сфаќаме дека во нашиот живот и кариера не сме мрднале од нулта позиција, но затоа државата и сите други ги „оправивме“.

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

С. С. | Црнобело / depositphotos.com

Би можело да ве интересира:

И во Македонија има шефови кои се пример за вработените и среќни сме поради тоа Тие не сметаат дека тоа што се избориле да стигнат до оваа позиција им дозволува...
„Бев во болница во туристичко место во Македонија со синот - докторите ни се злато“ За жал, завршив на дежурство во туристичко место во Македонија поради интензивен...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg