Како навистина изгледа просечниот живот во Америка на една Македонка?
Спонзорирано од:
Спонзорирано од ОгласиЗаРабота.мк
Монтер 21-10-2019


Како навистина изгледа просечниот живот во Америка на една Македонка?

Се будам рано, околу 4 часот наутро. Ме очекува речиси 1 час и 45 минути возење до работното место. Тоа за мене е сосема нормално. Ме фаќа понекогаш смеа кога сестра ми мѝ се жали како заглавила 40 минути во сообраќајот. Сакам да ѝ кажам дека тоа не е ништо, но секогаш излегува дека се правам важна, еве ја „Американката“ се јави да ни соли памет. Па си молчам.

Kako-navistina-izgleda-prosecniot-zivot-vo-Amerika-na-Makedonka-01.jpg

Живеам 26 години во Америка. Повеќе од половина живот го имам поминато тука. Да, можеби се чувствувам и по малку Американка, но сметам дека тоа е сосема нормално. Да прифатиш дел од нивниот начин на однесување, после толку многу години поминато со нив на континентот.

Што ми се допаѓа во Америка, во таа ветена земја, каде што тече мед и млеко и парите растат на дрво? Не е ветена земја. Не тече мед и млеко и парите не растат на дрво. Треба да се помачиш за да ги заработиш. Но, верувајте, доколку си вреден, доколку се истакнеш на работното место, нема да помине незабележано. Платата не доцни ниту ден. Секој добар работник добива бонуси. Твојата способност нема да помине без пофалба, без мотивација за уште поголем успех и напредок.

Тука на газдите не им е гајле кој си, од каде си, како се презиваш и дали чичко ти е некој многу битен човек кој ќе ти фати врски за да се унапредиш. Тука ги интересира само дали добро работиш. Да, се вртиме во запчаниците на суровиот капитализам, но во која друга држава е поинаку? Тука барем сме платени и мотивирани да работиме.

Сметките ми се намирени, тие никогаш и не ми биле грижа. Да, јас сум од тие што повремено работат и втора работа и не се срамам поради тоа. Домот во кој живеам го отплатив пред неколку години. Автомобилите ги менуваме на неколку години, бидејќи и тие се на рати, но рати што можеш да си ги дозволиш.

Храната во Америка е најмал проблем, секој што работи не може да остане гладен. Не мора да се грижиш за цените на производите и да калкулираш дали од ова ќе земам 3, 5 или 10 парчиња. Кога има распродажби попустите стигнуваат до вртоглави 90%. Можеш да си дозволиш дизајнерски парчиња за многу малку пари, исто како и козметика, шминки, парфеми, технологија…

Да, фризурите се скапи. Да, маникирот е исто така скап. Кога ќе размислам и во Македонија е скапо според стандардот, па сепак сите жени редовно одат на фризер и прават нокти.

Битно е да си ги одредите приоритетите. Битно ми е здравственото осигурување. Бензинот е евтин. Понудите од најразлични оператори се за некоја смешна цена, исто како и цената за пакет ТВ канали. Сметката за одржување на комплексот во којшто живеам е висока според моите родители, но да видите до кој степен се води грижа за уредувањето на дворот, со која брзина се одвиваат сите поправки и вие би го платиле истото без двоумење.

Кој вели дека во Америка немаш одмор? Можеш да си земеш одмор онолку денови колку што сакаш, ама неплатен. 😊

Кога доаѓа ред за одморот, со заштедата верувајте можам да отпатувам каде и да посакам. Можеби тоа се само 5 дена годишно, но секоја дестинација од моите соништа е остварлива.

Не е сè така розово. Некои денови си преморен од работа, толку скапан што гледаш само да се пикнеш во креветот и да не се разбудиш до следното утро. Ти се чини дека само работиш и ништо повеќе. Осамен си, понекогаш тажен, дури и депресивен. Празниците се најтешки, Бадник, Божиќ, Велигден, Нова година. Ги тераш сите домашни адети, но некако е чудно, празно, дури и вештачко. Како да не припаѓаат тука.

Тортите им се грди. Нема сирење. Во сите јадења, солени или благи, се додава шеќер макар во форма на карамелизиран сос. Сите брзаат некаде. Ретко ќе најдеш сочувствителност или дружба. Таа на крајот се сведува повторно со луѓето дојдени од Македонија или од Балканот. Свој си покрај своите.

Се обидуваш да останеш во тек со сите новости од Македонија, со културата, со најновите филмови, песни, случувања. Не успеваш, па делуваш малку заостанато кога се враќаш дома кај своите. „Еј тета, оваа песна од кога беше хит, ти сега ја научи?“

Понекогаш се прашувам вреди ли сето ова? Имам ли што да покажам на крајот? Колку и да ми е тешко, одговорот е секогаш ДА. Вреди. Лишена сум од сите нервози поврзани со вадење нови документи, едноставно невозможно е да заборавиш да си извадиш нова лична карта кога таа ти стигнува обновена на домашната адреса точно на време.

Те потсетуваат кога е времето за редовен рутински преглед на доктор. Никому ни на крај памет не му текнува да фрли ниту едно хартивче на улицата, бидејќи казните се огромни. И важат за сите.

Си помислувам – ќе бев ли посреќна во Македонија? Ќе можев ли да си ги дозволам сите овие работи и удобности како со мојот просечен живот во Америка?

©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.

Автор: (О)Милена | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Во Македонија сите станавме експерти за сè – затоа не нè бива! Треба да научиме нешто ново? Па, неее... Зошто ни е таков луксуз во животот? Тре...
Можеш ти жено сè што ќе посакаш, само немој да венееш покрај лошиот ма... Што сè постигнува една жена, знае само таа, иако често и не е свесна за своите м...
Патишта крпени, ќе тргнеш на пат – ќе завршиш во ендек: Имаш ли сила д... Имаш ли сила да се бориш со ветерници? Ти остана ли малку верба дека работите не...