Нема завршено средно, ќе донира пола од богатството: Кој е милијардерот што отиде на првата приватна вселенска прошетка?
Во четвртокот (12.09) милијардерот Џаред Исакман стана првиот човек кој отишол на вселенска прошетка со некомерцијална мисија. За искуството платил 200 милиони долари, а вели планира да донира половина од неговото богатство.
Милијардерот Џаред Исакман ќе остане запаметен како првиот човек кој отишол на приватна вселенска прошетка.
Во четвртокот (12.09), со леталото Crew Dragon на SpaceX, Исак, заедно со уште тројца астронаути, ја направи првата комерцијална вселенска прошетка која е финансирана приватно.
Покрај милијардерот Џаред, екипажот го сочинуваа воениот пилот Скот Потит, како и двајца инженери од SpaceX – Ана Менони и Сара Гилис.
Само Џаред и Сара Гилис излегоа од леталото, а поминаа вкупно 20 минути во вселената пред да се вратат внатре.
„Назад дома, имаме многу работа, но одовде – изгледа како совршен свет“, изјави Џаред за време на прошетката.
Во продолжение, неколку факти за милијардерот кој испиша историја:
Се отпишал од училиште
41-годишниот милијардер не бил многу заинтересиран за училиште и вели дека секогаш сонувал за „поголеми нешта отколку слушање предавања“.
„Бев многу лош ученик. А, не ни бев среќен додека одев на училиште“, има изјавено.
Па, во 1999-та, на 16-годишна возраст, решил да се отпише од училиште и да се фокусира на идејата за своја фирма.
Работел од подрумот на родителите
Џаред вели дека идејата за своја компанија ја добил на 15-годишна возраст.
Имено, сфатил дека за бизнисите било многу тешко да набават и инсталираат уреди за платежни картички, па сакал да го поедностави процесот.
Откако се отпишал од училиште, веднаш почнал да работи од подрумот на неговите родители.
Брзо забележал успех
Џаред има изјавено дека работел секој ден од 7 наутро до полноќ, па и подолго.
Па, за релативно брз период, неговиот софтвер станал популарен во хотелите и рестораните ширум САД.
Денес неговата компанија се вика Shift4, има над 200.000 корисници низ неколку држави и преку неговите софтвери се вршат исплати во вредност од 260 милијарди долари годишно.