12 типови на играчи на секој фудбалски натпревар со другарите

Сите ние повремено знаеме да го испочитуваме здравиот живот, и да изиграме некоја партија фудбал со пријателите. Откако ќе го преживееме воспалението на мускулите, најчесто повеќето од нас тука престануваат со спортскиот дух.

12-te-igrachi-na-sekoj-natprevar-vo-mal-fudbal-001.jpg

На скоро секој ваков рекреативен натпревар можете да ги препознаете следните 12 типови на играчи:

1. Дриблерот

Листата мора да започне со најдобриот поединец, кој никако да разбере дека фудбалот е тимска игра и дека повремено е добро да се додаде топката до некој од соиграчите. Овој човек никогаш нема да ја додаде топката на никого, меѓутоа ќе направи неколку атрактивни потези секојпат кога ќе ја има топката во своите нозе.

2. Плачкото

Инспириран од врвните шпански, италијански, латиноамерикански и португалски плачковци, овој човек не пропушта прилика да се пожали. Најчесто при најмал контакт (а некогаш и привидение) ќе се фрли на земја најтеатрално што може и ќе почне да се расправа со противниците за тоа како не се нормални и дека не дошле овде да се тепаат. Овој лик никогаш нема да признае дека одглумил, и ќе се расправа дури не му дадат фаул. По неколку изиграни натпревари, не го сакаат ни во неговата екипа веќе, па најчесто бара други луѓе за фудбал.

3. Буцето

Непишаното фудбалско правило дека ако си дебел мора да браниш, е едно од најпочитуваните правила на Балканот. Овој човек најчесто го викаат кога нема кој друг, а не им се игра 5 на 5, или им недостига некој да седи на гол. Како за беља, повеќето од противниците не знаат да шутираат прецизно па го гаѓаат баш него, при што неговата самодоверба расте до степен да мисли дека е втор најдобар голман во светот после Буфон.

4. Гатузо

Сите добро го паметиме легендарниот Гатузо. Голем дел од неговите фанови и ден денес се трудат да го испочитуваат неговиот стил на игра, па најчесто завршуваат кршејќи нога на некој од противниците. Гатузовците на мал фудбал се стално избрани меѓу првите, затоа што никој не сака да игра против нив. Мотото им гласи „Топка може да пројде, човек не!“

5. Тика-така

Инспириран од играта на шпанската репрезентација и Барселона, овој човек дава сè од себе брзо да се ослободи од топката и да направи акција со што е можно повеќе додавања и кратки комбинации. За жал, поради лошите соиграчи, акциите никогаш не завршуваат како што тој замислил, па често доаѓа до конфликт и недоразбирање во неговата екипа.

6. „Имам тренирано у Вардар“

Ова е човек кој на времето тренирал фудбал (најчесто во Вардар), меѓутоа поради врскаџиите, факултетот, средното школо, родителите, судиите, тренерите и лошото време прерано ја завршил својата кариера. Неговиот стил најчесто се состои од крадење на топката и силен шут од половина терен. Со него не можете да се разберете околу правилата бидејќи има тренирано, и ги знае сите.

7. „Иди му, не знае!“

Ова е типот што кој и да ја има топката им вика на своите соиграчи „Иди му, не знае!“, и покрај тоа што тој самиот не се осмелува да „му иде“. Најчесто е лик кој играл мал фудбал во деведесеттите како дете, па од таму му останала фразата.

8. Инзаги

Уште една фудбалска легенда на листата. Ова е човек кој не се мрда од противничкиот пеналтик, и најчесто головите ги дава при несакан контакт со топката. И покрај тоа што сите голови што ќе ги даде се по грешка, си зема целосен кредит за нив со фразата „абе и тоа треба да знаеш“.

9. Тој што стварно не знае

Најчесто „Иди му, не знае“ се однесува на овој човек. Овој лик не знае ни зошто е дојден, најверојатно пошто глупо му било да ги одбие другарите кога го викнале. Дава сè од себе... да не падне дур ја води топката. Шутира со шпиц и е дојден за забава, а не за да победи.

10. Кошаркарот

Скоро секогаш има барем еден ваков. Знаете за кого зборам, човекот со Џордан шорцови кој е две глави повисок од другите. За жал, поради доволно голем број на контакти помеѓу неговата глава и баскетот, се плаши да ја удри со глава топката, при што неговата висина пропаѓа во вода. Знае каде треба да ја додаде топката и ги гледа слободните соиграчи на време, меѓутоа не ја поседува соодветната вештина за да ја додаде топката каде што посакува.

11. Стариот

Скоро секогаш има барем еден кој е малку постар од другите. Овој човек знае дека кондицијата не му е јака страна, па пробува да игра позиционен фудбал. Знае каде да се постави и каде да додаде. Неговото искуство му овозможува лесно да ги сопне противниците кои го поминале со нивната брзина. Најчесто ова е човекот кој се расправа со сите (најверојатно поради тоа што смета дека треба него да го слушаат како најстар). И покрај тоа што тој е единствениот кој игра различен вид на фудбал од сите други, смета дека е во право, и се лути што не играат сите како него.

12. Силниот

Ова е физички најсилниот човек на теренот. Не поседува којзнае какви вештини, но знае да ја шутне топката доволно силно за да ја искриви стативата. Дуел играта против него е невозможна, а ако сте голман, знаете дека кога ќе шутне треба или да се скриете, или да се помолите да поминете со полесна повреда.

еНВи | Црнобело

Би можело да ве интересира:

14 мини злосторства кои поминале неказнето заради шармот на виновниците 10 минути тишина во домот, одите во другата просторија, ви се крева коса од глет...
Смешни (и тажни) дизајни на играчки - Дали би ги купиле? (фото) Некои играчки се направени според толку ужасен дизајн при што финалниот производ...
„Прво верувате, потоа умирате“ – Бесмислени и смешни „инспиративни“ пораки од вештачка интелигенција „Кога ќе умреме, животот ќе биде во ред. Дотогаш, опивајте се“ и „Еден ден, живо...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg